Тоска од обичен службеник во МВР станал полицаец во времето на Спасовски

Полицаецот-убиец Енвер Тоска, иако не ги исполнувал условите да биде полицаец добил значка и пиштол по интервенција на ДУИ, и тоа во време кога министер за внатрешни работи бил Оливер Спасовски, а не Митко Чавков, во чиј мандат бил вработен во МВР, но не како полицаец, дознава НетПрес.

Тоска, како што веќе е познато на јавноста имал завршено образование за физиотерапевт, а бил запишан и на курсот во Полициската академија. Бидејќи ги немал потребни резултати, тој бил одбиен и не бил викнат на работа. Сепак, бидејќи бил близок на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како што самиот убиец тврди, бил вработен во МВР, но како обичен службеник. Тогашното раководство на МВР оценило дека не ги исполнува условите за работа како полицаец, но бил вработен во министерството.

Но по смена на власта, пак проработеле врските и Тоска преку ноќ од службеник станал полициски инспектор.

Грозоморното убиство во Прилепско треба да биде поука бидејќи потпишување договор за работа на такви лица, кои не се достојни за полиција, беше одлика на некое друго време, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по апсењето на Тоска, префрлајќи ја одговорноста на претходната раководна гарнитура.

Но според Правилникот за здравствените и психофизички состојби што треба да ги исполнува лицето кое заснова работен однос  во полицијата, начинот на нивното утврдување и начинот на контрола на здравствената и психофизичка способност на полициските службеници, работник на МВР кој од работно место без посебни должности и овластувања се прераспоредува на работно место предвидено за полициски службеник се подложува на повторен лекарски преглед  за да се утврди дали ја исполнува здравствената и психофизичка способност.

Тоа меѓу другото подразбира душевни растројства и растројства во однесувањето (деменции и други органски, душевни нарушувања, шизофренија, шизотипни растројства и налудничави растројства и афективни растројства) и други психички нарушувања.

Дали ова е направено е нејасно и ако е направено очигледно дека некој ја утнал работата и му дал зелено светло на Тоска дека е психо-физички здрав да добие пиштол, со кој го застрела Алил Бекир. За ова некој во МВР ќе мора да одговара.

Јавноста со право се прашува како полицијата многу лесно си дава право и стручност некого да му залепи етикета дека е ненормален, па дури да ги испраќа во лудница, а вистински лудаци да чуваат во свои редови. Граѓаните беа згрозени од информацијата за апсењето на актерката Ирена Ристиќ, која откако одбила да и извршат алкотест, ја испратиле во Психијатриската болница „бидејќи, како што велат од МВР, со цел добивање на мислење од стручно лице врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето.

Во случајот со Тоска очигледно не биле така ревносни, па не воделе сметка ниту за очигледните „манифестации“ на лицето и телото на убиецот. Во претходно споменатиот правилник се спомнуваат лузни и други деформитети на лицето и главата кои условуваат функционални или естетски промени.  Тоска е целиот со тетоважи, кои дел поминуваат преку вратот и лесно се воочливи. Да не збориме за тие на раката кои се видливи при носење на униформа со куси ракави. Бидејќи полицаец е полицеац и во слободно време, неговите раководители можеле да изреагираат и на фотографиите на негоивте профили на социјалните мрежи. Освен тетоважите видливи се и симболи со мртовечки глави и слични пораки кои не доликуваат на полициски службеник.

Неофицијално, за Тоска се збори дека бил вмешан во трговија со наркотици, но од МВР не добивме одговор дали имаат информации за негови незаконски активности додека бил вработен во МВР, бидејќи претходните такви активности на убиецот, секако би требало да бидат пречка тој да се вработи во полицијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.