Тотален дебакл со закажувањето за вакцини за сезонски грип, смета д-р Лазаров!

Тотален дебакл со закажувањево за вакцини за сезонски грип, вели д-р Ненад Лазаров, кој работи во примарно здравство.

-Пуштените термини беа закажани за само неколку минути тотално рандом, кој стигна фати термин, останатите?
Како да им објасниме на пациентите дека некој има закажано а некој не,
дека се спроведе “игра на брзи прсти” за закажување?
Бројката на вакцини/термини е премала и не ги задоволува потребите, пишува Лазаров.

Директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, Александар Стојанов, утрово објави дека сите 2.000 дози од вакцините против сезонски грип кои чинеа по 800 денари се потрошија за неколку часа откако почна вакцинацијата во Центарот за јавно здравје и рече дека чекаат да добијат уште 2.000 вакцини кои се уште не им ги испорачале.

-Осумдесет отсто од категориите граѓаните кои требаше да ги добијат бесплатно вакцините, дојдоа кај нас и ги потрошија. Причината е тоа што во „МојТермин“ оваа недела им е пополнет терминот и луѓето не сакаат да чекаат, сакаат да си платат и да завршат побрзо работа. Луѓето се исплашени и сакаат да си го заштитат здравјето. И за ризичните и неризичните групи има малку дози. Тоа го има во цел свет. Белгија за еден ден ги потроши. Минатата година 610 вакцини против грип ги фрливме, немаше кому да ги дадеме, потенцира д-р Стојанов за МИА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.