21.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Тотална војна

Тоталната војна во која влезе СДСМ со цел да го неутрализира својот политички противник веќе стана толку интензивна и очигледна што дури не е потребно ни да се наведуваат примери од секојдневниот живот со кој би им се илустрирало на граѓаните и јавноста дека функционирите на ВМРО ДПМНЕ и самата партија се жртви на невиден политички прогон. Мотивите зад овој прогон и зад бруталната пресметка со неистомислениците се неколкуслојни и заслужуваат одредено внимание, со цел да се посочи кон јавноста што стои зад она што секојдневно го гледаме на политичката сцена.

Првиот мотив, кој на секој нормален човек му паѓа на памет прво, е обидот да се дефокусира јавноста од штетните политики на оваа Влада и целосната распродажба на македонските национални интереси, но и од некомпетентноста и немањето идеја како да се води државата. Целосното фокусирање на дел од медиумските перјаници на СДСМ кон внатрешните состојби во ВМРО ДПМНЕ, и штанцањето на двоцифрен број на текстови, колумни и вести секој ден на оваа тема, јасно укажува дека целта е да се насочи вниманието на јавноста кон ВМРО ДПМНЕ, и да се фрла црна дамка врз партијата и врз нивните функционери. Ама, затоа, не може да се прочита ниту еден текст за катастрофалната состојба во здравството, на пример, или за вредностите на мерните станици кои го покажуваат квалитетот на воздухот, а врз основа на кои функционерите на СДСМ додека беа опозиција парадираа драматично по скопските улици носејќи маски на лицата. Сега, штама и гласен молк за ова. Ниту збор за насилствата по улиците ширум Република Македонија и тоталното нарушување на безбедносната состојба, мафијашките пресметки по улиците на главниот град, ладнокрвните убиства (како она на Јанушев и Саздовски) за кои им требаат повеќе од месеци или години да почна да ги решаваат, drive by пукотниците како онаа кон хотелот Александар Палас и уште многу други настани, кои можат колумнава да ја направат да личи на полициски билтен од најдобрите денови на белградското подземје.

Вториот мотив зад политичкиот прогон на ВМРО ДПМНЕ е желбата на СДСМ да го уништи противникот, бидејќи знае дека како поминува времето, се ближи крајот на нивното владеење, кое ќе заврши покатастрофално и од она во 2006 година. Нивната логика и тактика во моментов е да го ослабат ВМРО ДПМНЕ колку што можат повеќе, преку судски и политички прогон на поранешните, сегашни, но и идни партиски (и државни) функционери, со цел да ги елиминираат од „бојното“ поле токму оние лица во кои гледаат потенцијал да им се спротистават, да понудат подобри решенија и да стават крај на погрешните политики и уништувањето на државата. Овде од помош на СДСМ му се неговите инсталаци во СЈО, Министерството за внатрешни работи на Спасовски, но и преку одредени позиции кои СДСМ ги има во ОЈО, и кои се ударната тупаница на ваквата стратегија за неутрализација на опозицијата. Директен резултат на ваквата стратегија се нарачаните пресуди, забрзаните судски процеси, замрзнувањето на имотот на ВМРО ДПМНЕ, обидите за уништување на кредибилитетот на партиските функционери, дискредитацијата на партиското раководство и слично.

Третиот мотив кој исто така сакам да го споменам е силната, исконска и слепа омраза која СДСМ ја има кон партијата ВМРО ДПМНЕ и кон нејзините членови. За разлика од првите два мотиви, кои се пресметливи и кои произлегуваат од страниците на книгите и учебниците кои се бават со проблематиката на специјална војна и психолошки операции, овој третиов мотив е се чини вроден, па дури и природен кај, еве можеби не сите, но кај голем број од членовите на СДСМ. За овие, ваквиве, љубовта кон татковината, подготвеноста за саможртва за идеали, вистинската желба да се помогне на својата татковина да зачекори напред и да се унапреди состојбата на својот народ, претставува нешто незамисливо, и токму затоа ги мразат од дното на душата оние кои го имаат ова во себе.

Покрај овие идентификувани и на кратко објаснети мотиви, може да се напишат уште многу редови за моменталната ситуација во нашата земја, но на крај сево ова можеме да го сумираме со еден цитат од култниот филм Роки „Не е важно колку јако удираш, важно е колку удари можеш да примиш и да продолжиш напред!“. Па, така, нека удираат колку што можат посилно кон нас нашите политички противници, ние сепак ќе продолжиме по нашиот пат и кон нашата кауза, а тоа е подобра Македонија и подобро утре.

Автор: Александар Нацев за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.