Тотално девалвирање на правниот систем во случајот со приведувањето на Камчев

Приведувањето на бизнисменот Орце Камчев отвори многу дилеми, од тоа како е приведен, објаснувањето/ неообјаснувањето зошто е приведен и кој го направи тоа, односно вмешувањето на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), па контроврезноста на обвинителот што го покренува случајот.

Така, случајот со приведувањето и одредувањето на мерка притвор, за чија издржаност и легитимност се заинтересираа голем број на правници и беше коментиран од голем број на експерти во земјата е и од општ интерес за јавноста. За таа цел, базирано на цврсти докази и сознанија ја коментираме донесената одлука, како и начинот и можната причина за нејзино донесување со стручни лица.

„Правно неиздржани чекори, непочитување на основните закони во правото, кршење на одредбите во кривичната постапка од страната на највисоките надлежни институции, како и прекршување на основните човекови права се дел од низата пропусти со кои беше проследен овој случај“, велат стручни лица за Нетпрес и истакнуваат:

„Пред се’, овој случај го води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а обвинител кој постапува по предметот е ЈО Лиле Стефанова, која не е дел од тоа Обвинителство, односно, по престанокот на нејзиниот мандат како обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжи со работа во Основното јавно обвинителство во Радовиш, што уште на почеток укажува на тоа дека Лиле Стефанова како обвинител во ниту еден случај нема вистинска, ниту месна надлежност да постапува по предмети кои се во исклучива надлежност на Основното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно Законот за Јавно обвинителство. Директно се поставува прашањето на кој основ таа постапува по овој предмет и зошто истата, од почетокот, па се до овој момент се нема легитимирано пред судот и странките, иако тоа беше директно побарано и од одбраната на Камчев?”.

Нејзиното постапување по овој случај директно го загрозува правниот поредок во земјата на груб и целосно тенденциозен начин, истакнуваат стручни лица од судската пракса, нагласувајќи дека треба да има предвид фактот дека во случајот „Империја“ Лиле Стефанова е директно компромитиран обвинител, при што Камчев веќе има поднесено кривична пријава до ОЈОГОКК за нејзино незаконско постапување во истиот предмет.

„Со оглед на тоа, Лиле Стефанова, во ситуација кога е и повеќе од нелегално и повеќе од очигледно дека постои конфликт на интереси врши свесно непочитување на основните начела на непристрасност и објективно водење на кривична постапка, а некој тоа директно го дозволува и одобрува“, потенцираат за Нетпрес.

„Плацевите на Водно“’ како што и е познато и на јавноста е случај кој е отворен уште во месец октомври 2020 година, а е преземен како дел од случајот „Империја“, објаснуваат стручните лица и додаваат дека Јордан Камчев како осомничен во тој случај, оттогаш постојано е достапен на органите на прогонот и во овој случај повеќепати е повикуван и секогаш уредно се јавувал пред ЈО на секоја покана.

„Доказ за неговата достапност и волјата да се вклучи и да ја помогне истрагата пред Јавното обвинителство е што тој сам во неколку наврати има побарано од „надлежниот“ обвинител Лиле Стефанова да даде исказ и има побарано и инсистирано да добие термини за распит и сослушување. Инволвираноста на осомничениот од отворањето на случајот, досега е константна и во насока на донесување правно издржана одлука и докажување на неговата невиност. Доказ за неговата соработка со Јавниот обвинител е фактот дека Камчев по дадениот исказ на 4 февруари пријавува докази во поткрепа на својата одбрана и истите со поднесок од 9 март 2021 година преку Поломошник ги доставува до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција“, посочуваат за Нетпрес.

Од друга страна, Камчев во случајот „Империја“ е веќе обезбеден со мерки за претпазливост, односно му се одземени двете патни исправи кои ги поседува и гарантира со капитал само дополнително ја потврдува небулозата на донесената одлука за одредување мерка притвор базирана единствено на службена белешка добиена од АНБ.

Во однос на таа белешка не е единствена небулоза нејзиното постоење туку и фактот на кој начин истата е донесена и нејзината целосна веродостојаност.

„АНБ, во овој случај постапува надвор од своите законски овластувања и надлежности предвидени во Законот за агенција за национална безбедност, па оттука нејасно е како осомничениот ја загроува националната безбедност и преставува закана за националната безбедност на државата, за да АНБ има легитимно право да го следи и врз база на тоа следење да биде изготвена службена белешка со таква содржина“, истакнуваат експерти.

Практично, правото на слобода, како основно човеково право на Камчев му е прекршено единствено врз база на таа белешка од АНБ во која се објаснува наводна намера за негово бегство, велат експертите и додваат дека најконтроверзен потег е што истата таа белешка, тој писмен документ, покрај тоа што не е доставен до одбраната за увид при распитот не е обезбеден ниту еден дополнителен докази со чие презентирање ќе се потврди она кое е запишано во белешката. Потоа дека не постои никаков доказ, ниту запис од информацијата наведена на белешката која беше само прочитана пред одбраната, а не беше дадено да се направи нејзин увид.

Доколку постоело дојава за наводно бегство на кое претстоеле средби, каде се доказите за тие средби? Со кого и каде биле тие средби и дали постои барем еден материјален доказ?