Тотенхем еден месец без Кејн

Капитенот на англискиот фудбалски премиерлигаш Тотенхем и напаѓач на англиската репрезентација, Хари Кејн, ќе отсуствува од терените околу еден месец поради повреда на бутниот мускул, со која се здоби во средата на гостувањето кај Саутемптон.

„Можеме да потврдиме дека Хари Кејн се здоби со пукнување на бутниот мускул на левата нога. Нашата лекарска служба ќе го надгледува неговото закрепнување“, објави Тотенхем.

„Главата горе. Тешките времиња не траат долго, цврстите луѓе траат“, порача на Twitter, 26-годишниот Кејн.

По поразот од 0:1 од Саутемптон, Тотенхем се наоѓа на шестото место на Премиер лигата со 30 бодови, шест помалку од четвртиот Челзи кој ја има последната позиција која води во Лигата на шампионите следната сезона.

Следниот првенствен дуел Тотенхем ќе го игра на 11-ти јануари, кога е домаќин на водечкиот Ливерпул.