Тотенхем стартуваше со домашен пораз од Евертон

Евертон во неделата ја прекина негативната низа против Тотенхем во првото коло од новата сезона на англиската фудбалска Премиер лига, славејќи во Лондон со 1:0.

Минатата сезона Тотенхем се пласираше на шестото место на табелата, додека Евертон успеа по долги напори да се одлепи од опасната зона па ланското првенство го заврши како 12-ти. Се очекуваше речиси сигурна победа на тимот од Лондон, кој освен што беше домаќин немаше пораз од екипата од „сината“ половина на Ливерпул уште од 2012 година.

Сепак, се чини дека на тренерот Карло Анчелоти, кој го презема лани Евертон, му се исплатеше настојувањето да го доведе Колумбиецот Хамез Родригез. А стрелец на победничкиот погодок во 55 минута беше Доминик Калвер-Луин.

Претходно во неделната програма Вест Бромвич Албион, исто така, на домашен терен беше совладан од Лестер Сити со 0:3. Гостите поведоа во 56 минута со погодокот на Тимоти Кастан, а потоа во 74 и 84 минута два пенала реализираше Џемји Варди. Со овие голови Варди се искачи на третото месето на листа најдобри стрелци во клупската историја со 105 погодоци.

Во понеделникот се играат натпреварите Шефилд Јунајтед – Вулверхемптон и Брајтон – Челзи и засега нема најави за нивно одложување, како што тоа беше во саботата.

Првото коло мина без дуелите Барнли – Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити – Астон Вила, кои беа одложени.