Товарниот брод со околу 400 бегалци и мигранти сè уште плови во Егејското Mоре

Товарниот брод со околу 400 бегалци и мигранти што плови под турско знаме, а вчера беше лоциран источно од островот Крит, според грчките медиуми, сè уште не е пренесен на некое од пристаништата во Грција и сè уште се наоѓа во водите на Егејското море, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, Атина побарала од Анкара бродот да биде вратен назад во Турција, со оглед на тоа дека тргнал од турското крајбрежје, меѓутоа одговорот бил негативен.

Државната телевизија „ЕРТ“ објави дека бродот се наоѓа во меѓународни територијални води и го придружуваат бродови на грчката крајбрежна служба, додека пак весникот „Катимерини“ пишува дека „продолжува трилерот со товарниот брод со мигрантите“, што ноќта ја поминал во близина на островот Карпатос, а сега се упатува кон островот Кос.

Од крајбрежната служба на Грција вчера, како што објави МИА, соопштија дека во тек е акција за спасување а товарниот брод и го водат на безбедно место.

Посочија дека станува збор за „една од најголемите операции за истрага и спасување спроведена во Источниот Медитеран“, но и дека за дополнителни информации за разврската ќе излезат со ново соопштение.

Засега, не постојат нови, официјални информации за тоа каде се наоѓа бродот, каде се упатува и каде ќе бидат згрижени бегалците и мигрантите.

Медиумите во Грција објавија дека крајната дестинација на бродот била Италија, а бегалците и мигрантите се од Авганистан и Пакистан.