Трајанов: Цената за изградба на коридорите е отворена и во иднина ќе расте, во ниту една ситуација нема да биде пониска од сегашната

Пред нас е на некој начин последниот закон од овој сет на „европските закони“ за автопатиштата Коридор 8 и Коридор 10Д. Поточно пред нас е законот за утврдување на јавен интерес и прогласување на овој Коридор од посебно значење на државата“, истакна Здравко Трајанов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.

Трајанов додаде дека цената која што требаше да претставува успех на оваа Влада во однос на автопатот е екстремно висока. Самата цена од 1,3 милијарди евра без пенали или 1,5 милијарди евра со пенали од старт е повисока во однос на сите досегашни искуства во Република Македонија и околните држави.

„И притоа оваа цена не преставува модел – клуч на рака. Значи оваа цена е отворена и во иднина ќе расте. Во ниту една ситуација нема да биде пониска од сегашната“, заклучи пратеникот.

Тој посочи дека токму ова е многу лошо решение, односно договор помеѓу Владата и изведувачот.

„Покрај оваа цена, државата ќе плати многу дополнителни трошоци од Буџетот со земање на скапи кредити кои во моментов се со екстремно високи каматни стапки, како и многу други трошоци кои ќе бидат на сметка на Владата, а не се пресметани во оваа сума на пари“, рече Трајанов.

Пратеникот укажа дека многу поволности и ослободувања се направени во однос на изведувачот со што истиот ќе нема обврска да плаќа кон државата многу ставки. А, оние кои што ќе ги плати дополнително ќе му бидат вратени средства од буџетот и тоа не се знае по која методологија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.