Трајанов: Директорот на ДЗС да повика експерти од сите партии да учествуваат во Законот за попис

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, да повика експерти од сите политички партии да учествуваат во Законот за попис, кои ќе вградат во методологијата она што е пропуштено а е клучно, истакна во средата претседателот на Демократскиот сојуз (ДС), Павле Трајанов, во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.

„Јасно е дека сите политички партии во Македонија се за одржување на попис. За да можеме да ги планираме сите стратешки активности на нашата држава. Тоа не е спорно. Но, спорно е друго. Има неколку моменти за кои јас зборував и во парламентот. Тоа е околу разграничување на резидентно и нерезидентно население. Добро е да се попишеме, но објективно мораме да знаеме колку се оние кои живеат овде во Македонија. А тоа не се вгради во овој закон. Затоа предложив од Собраниската говорница, а и вечерва тука експерти од сите политички партии да учествуваат во законот за попис. Директорот на Заводот за статистика да ги повика тие експерти, да ја погледнат методологијата и тоа што е пропуштено, а е битно и клучно да се вгради во методологијата“, рече Трајанов чија партија е дел од владејачката коалиција предводена од СДСМ.