Трајанов не гласаше „за“, но не гласаше ни „против“

На денешната седница на македонскиот Парламент, на која се расправаше за францускиот предлог, пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов, не гласаше за заклучоците предложени од СДСМ и од ДУИ.

Од говорницата Трајанов порача да се гласа за заклучоците што тој ги предложи, а со кои се задолжува Владата да се заложи во Преговарачката рамка да се вгради став за македонскиот јазик, да се изостават билатералните прашања и историските теми, како и Протоколот.

„Да има една меѓувладина конференција за почнување на преговорите со ЕУ, а вградувањето на Бугарите во Уставот да биде на реципрочна основа, односно Бугарија да ги признае правата на Македонците кои живеат во Бугарија. Демократски сојуз цврсто стои на определбата Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, но согласно европските принципи и стандарди и Копенхагенски критериуми, кои целосно ги исполнува“, се вели во соопштението на Демократски сојуз.