Трајанов предложи закон за формирање независна агенција за борба против корупција и криминал

Пратеникот и претседател на Демократски сојуз Павле Трајанов на прес-конференција во Собранието соопшти дека денеска до собраниските служби поднел Предлог -закон за борба против тешките облици на организиран кримиал и висока корупција, кој како што вели, ќе овозможи искоренување на тешките облици на корупција, неселективна војна против криминалот и имплементација на европските вредности.

„Речиси сите имаме единствен став, а такви се ставовите и на ЕУ и на САД дека Македонија е криминализирана држава, дека се загрозени основноте вредности, правата на граѓаните, но што е најбитно загрозен е опстанокотна државата и Уставниот поредок. Поради тоа мислам дека со овој закон навистина ќе се престроиме и определиме кои сме за ЕУ, за вистинска борба против тешките облици на криминал и корупцијата, а кои само вербално зборуваат за борба против криминалот, а досега ништо не преземаа“, рече Трајанов, образложувајќи ги причините за поднесување на законот во постапка пред иарламентот.

Предлага да се формира независна агенција надвор од политичката и партиска моќ, која, вели, ќе биде отпорна на какви било партиски, коруптивни или бизнис влијанија, составена од професионалници кои ќе можат да работат на откривање тешки облици криминал кои го прават носители на високи државни функции.

Агенцијата, вели, треба да работи и на откривање на скриениот имот на носители на државни позиции кој го стекнале на криминален начин. Новина, според него, е тоа, што доколку се открие таков нелегално стекнат имот, а е стекнат за време на извршување на функцијата, тој имот задолжително да се конфискува. Предлага и заштитна мерка – забрана на политичко дејствување до 10 години, ако некој е осуден за вклучесност во тешки облици на организиран криминал.

Освен што ќе открива тешки кривични дела со вредност над 100. 000 евра вредност, таа треба да ги следи и јавните набавки преку кои, вели тој, се одлеваат милиони евра во приватни џебови, бидејќи според него над 90 проценти од нив се наместени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.