Трајанов се заканува со напуштање на владејачкото мнозинство ако повторно биде блокиран предлогот за една изборна единица

Додека главната опозицска партија ВМРО-ДПМНЕ инсистира на предвремени парламентарни избори, што веднаш беше одбиено од премиерот Димитар Ковачевски, помалите коалициски партнери од владејачкото мнозинство го актуелизираат своето барање за измените на Изборниот законик со кој Македонија ќе стане една изборна единица, што претхдно владејачката СДСМ го при формирањето на владината коалиција.

Откако една година Предлог-законот беше блокиран и заборавен во фиока, во март годинава конечно работите мрднаа од мртва точка. Предлог-законот мина во прво читање на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Сега претседателот на Собранието, Талат Џафери, треба да го стави на дневен ред на некоја од идните пленарни седници.

Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов за „Фокус“ вели дека сега зависи од спикерот Џафери, дали тој натаму ќе одолговлекува или не. Според разговорот што Трајанов го имал со Џафери, Предлог-законот би требало да се најде на дневен ред седмицата што измина., но тоа не се случи.

Трајанов вели дека доколку повторно се одолговлекуваат измените, има пратеници, вклучително и тој, што би пристапиле кон напуштање на владејчкото мнозинство и предвремени парламентарни избори.

„Ако повторно се блокира законот, тогаш повторно ќе се актуелизира прашањето за предвремени парламентарни избори. Повеќе пратеници сме подготвени да гласаме за престанок на мандатот на владата. Од тоа не отстапуваме, бидејќи тоа е договор. Не може ДУИ да го блокира процесот. Власта не може да функционира без неколку пратеници што сме дел од парламентарното мнозинство“, дециден е Трајанов.