Трајановски: Со СДСМ на власт општините и јавните претпријатија тонат во долгови

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, на вечерашната трибина за локална самоуправа во Гази Баба, истакна дека со СДСМ на власт општините и јавните претпријатија тонат во долгови, ВМРО-ДПМНЕ се грижи за општественото добро и ќе изгради силни и развиени европски општини.

„Локалниот економски и регионален развој на општините се едни од фундаментите на европскиот развој, финансиски стабилни, силни и развиени општини и региони се она кон кое тежнее секоја европска држава, но за жал во Македонија во ’91-та година згаснаа општините им се земаа ингеренции и тие се претворија во помалку од местни заедници, општините кои до ’91-та година носеа законски акти и се сведоа на една едноставна единица на управување, ќе напоменам дека тоа го направи Социјалдемократскиот сојуз, а во Градот Скопје ги одземаа аптеките, Градскиот трговски центар, Топлификација, ПУИГ со над 15.000 станови, дури и гробиштата се приватизираа, а сето тоа заради политиките на тогашната власт сѐ отиде во приватни раце“, истакна Трајановски.

Посочи дека сето тоа во минатото било во рацете на Градот Скопје, а кога СДСМ дојде на власт во 2002 година го зголеми ДДВ-то на јавните претпријатија од 5 на 18 отсто, а со тоа поради политиките на СДСМ јавните претпријатија потонаа во долгови.

„СДСМ ветуваше дека ќе даде доволно блок дотации за функционирање на училиштата и градинките, како и дека ќе и вратат долговите на училиштата и градинките, но ништо од тоа не се случи“, рече Трајановски.

Посочи и дека исто како и во минатото, и сега власта не се грижи за она што значи општествено добро.

Трајановски порача дека ВМРО-ДПМНЕ на власт се грижи за стабилни и финансиски самостојни општини, како и во минатото така и во иднина ќе допридонесе за развиени општини и грижа за граѓаните и нивните реални потреби.