Трајановски: 500.000 метри квадратни нови зелени површини во Скопје

Кандидатот за градоначалник за Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски на денешната прес-конференција изјави дека неговата главна заложба ќе биде здравјето на граѓаните, додавајќи дека проектите во неговата програма се наменети за намалување на загадувањето на воздухот.

„Во изминатите четири години, или осум години интензивно работевме на подигањето на голем број зелени површини и засадување на дрва како една од мерките за заштита на животната средина и на амбиенталниот воздух во Градот Скопје. Тоа што го направивме во изминатите четири години, тоа се големи проекти. Еден од тие проекти е и овој парк, паркот во општина Аеродром на површина од 100 илјади метри квадратни заедно со општина Аеродром. Парковите ‘Македонија 1’, ‘Македонија 2’, ‘Македонија 3’. Паркот кој е покрај булеварот ‘Февруарски поход’. Парковите кои се покрај булеварите во Градот Скопје и во други места“, посочи Трајановски.

Потенцираше дека засадени се 256 илјади нови дрвца во изминатиот период.

„Нема да застанеме тука, ќе продолжиме натаму. Во изборната кампања исто така, имаме како мерка против загадувањето и подобрувањето на амбиенталниот воздух е. Исто така, ќе имаме голем број проекти за нови површини и нови садници во Градот Скопје. Во изборната програма предвидено е подигнувањето на нов парк, овде од постолјот према ФФМ, исто така со површина од околу 100 илјади метри квардатни“, нагласи Трајановски.

Истакна дека паркови се предвидуваат и во другите општини. Според него, предвидена е целосна реконструкција на вториот дел од Градски парк во општина Карпош, по Александар Палас, покрај Вардар. Појаснува дека тоа е со големина од околу 400 илјади метри квадратни.

„Ќе се реконструира и ќе се обнови целокупното зеленило. Ќе се направи систем за наводнување, ќе се обноват патеките, ново улично осветлување, нова урбана опрема и чистење на езерцата во вториот дел на Градскиот парк. Исто така, имаме проект кој ќе значи обнова на зеленилото покрај реката Вардар и правење на џогинг патека, како и зелен појас покрај реката Серава“, посочи Трајановски.

Потенцираше дека во следните четири години предвидено е и засадување на околу 500 илјади метри квадратни нови зелени површини во Град Скопје.

„Тоа е само една од мерките за подобрување на животната средина и подобрување на амбиенталниот воздух во Градот Скопје. Понатаму ќе имате можност да слушнете и за другите мерки против загадувањето и животната средина во Градот Скопје“, посочи Трајановски.