Трајановски: Нови патеки и субвенции за 10.000 велосипеди

Унапредувањето на условите за велосипедистите и користењето на велосипедот како рекреативно и превозно средство е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ и во таа насока се предвидени голем број проекти, рече денеска на прес-конференција кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Коце Трајановски.

„Унапредување на условите за велосипедистите во Скопје продолжува и во мојата изборна програма се предвидени голем број проекти кои ќе се реализираат во наредните четири години. Најважно е продолжувањето на изградбата на повеќе од 20 километри нови велосипедски патеки, каде најмногу ќе се фокусираме на поврзување на Кисела Вода (Рута 3), како и Бутел и Чаир (Рута 4) со централното градско подрачје и останатите општини“, истакна Трајановски.

Покрај овој, дополни, во наредните четири години ќе се реализираат и други проекти за унапредување на условите на користењето велосипеди. Ќе продолжат субвенциите за купување 10.000 велосипеди на граѓаните, поставување нови паркинзи за велосипеди и унапредување на постојниот систем за изнајмување велосипеди на ЈП „Градски паркинг“ со имплементирање нови, софистицирани системи за самоизнајмување велосипеди.

„Градот Скопје пред две години го почна најголемиот проект поврзан со велосипедската инфраструктура изминативе 50 години – „Скопје Велоград“ со кој е предвидена реконструкција и изградба на над 52 километра велосипедски патеки. Досега целосно се завршени Рутите 1 и 2, поврзувајќи ги со нови велосипедски патеки Гази Баба – Центар -Карпош и Аеродром – Центар – Карпош – Ѓорче Петров“, истакна Трајановски. (МИА)