Инспекторите за животна средина на Градот Скопје се во мобилна состојба поради загадувањето на главниот град. Укажувања им се испратени и на помалите компании кои имаат или се во постапка на добивање „Б“ интегрирана еколошка дозвола, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, пренесе МИА.
„Градот Скопје врши контрола кај нив. Јас не ги знам точно податоците, но кај оние што е најдено поголемо загадување укажано им е да престанат со нивното работење и да ги намалат причините кои доведуваат до загадувањето,“ рече Трајановски, кој денеска заедно со министерот за здравство Никола Тодоров на прес-конференција презентираше превентивен проект за средношколците во Градот.
Тодоров, пак, информираше дека дел од големите компании со „А“ еколошка дозвола како Макстил и ОКТА веќе две недели не работат.
Загаденоста во Градот Скопје веќе пет дена е над дозволеното, а вчера локалната самоуправа издаде соопштение и препораки до граѓаните.
„Доколку продолжи ова загадување повеќе од десет дена, ние согласно одлуката на Владата, ќе треба да седнеме заедно со претставници на министерствата за здравство, животна средина, за внатрешни работи и Градот Скопје и да се видат препораките што треба да се преземат по десетдневно континуирано загадување“, изјави Трајановски.
Првиот човек на градот истакна дека интензивно се работи за состојбата да се подобри, но исто така рече дека таа е последица од минатото. Укажа на географската положба на градот и од аспект на урбанизацијата попречувањето на ружата на ветрови почнувајќи од Ѓорче Петров и Сарај па до Центар и Аеродром и надолу. Голем проблем, според првиот човек на градот, претставуваат и оние кои идивидуално се затоплуваат во Градот Скопје.
„Тие не се малку туку се 64 отсто, а 36 се затоплуваат преку топлификација. Од тие 64 отсто, 48 се затоплуваат на дрва, 40 отсто на струја, 8 отсто на нафта, а два отсто на гас и два отсто на јаглен. Се апелира до оние кои индивидуално ги загреваат своите домаќинства да користат што подефинирани средства“, изјави Трајановски.
Спасот за градот, според него, е во негова гасификација. -Министерството веќе ја изготви таа студија за гасификација на Градот Скопје. Се надевам дека во јануари ќе се објави тендерот за гасификација на Скопје. Претходно треба да се дефинираат модалитетите дали Скопје ќе биде една целина, дали на две целини ќе биде поделено за да има поголема конкуренција или заинтересираност на идните приватни партнери кои треба да влезат во ова, изјави Трајановски.
Според министерот за здравство одговорноста за загадувањето што го имаме денес во Градот Скопје е на сите оние генерации што поминале, но оти обврска на денешните структури е тоа да го променат. Повтори дека наредната недела треба да бидат испорачани и ставени во функција двата мобилни апарати за мерења и анализи на квалитетот на амбиентниот воздух, со што за првпат ќе се докажува поврзаноста на загадениот воздух и загадувачот. Овие апарати ќе бидат поставувани на таканаречените жешки точки во Скопје, но и во другите градови.
„Ова што го имаме денеска е резултат на повеќе фактори и на подолг период“, изјави Тодоров.
Причините за загадувањето, според него, сега можеби не треба да ги лоцираме во големите капацитети бидејќи веќе две недели се исклучени и не работат како Макстил, Окта и други. Министерот рече дека новите апарати може да се стават на располагање на Градот Скопје за да се истражи дали оние компании кои имаат „Б“ интегрирани дозволи се причина за загаденост или не.
Трајановски ги повтори препораките граѓаните да го сведат своето движење на отворен простор само на неопходни излегувања, малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе да не излегуваат на улица, како и да не ги проветруваат просториите во кои престојуваат. Да не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на димните гасови, граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и слично со кои што се загадува воздухот во просториите, а граѓаните да не ги користат своите автомобили без поголема потреба и да ги користат средствата за јавен превоз. Се повикуваат граѓаните при затоплување на своите домови, да не користат недефинирани горива и отпадни материи од различни технолошки процеси, отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гума или синтетички материјали, возачите на тешките товарни возила да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот, во спротивно подлежат на ригорозни санкции, а сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат доколку немаат регуларно испуштање на отпадните гасови, се вели во соопштението од Градот Скопје.
Пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да се организира миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ тој да биде затворен со церада.
Согласно препораките и предупредувањата, правните лица кои поседуваат дозволи за дотур на роба издадени од Секторот за сообраќај на Град Скопје се известуваат дека тие се менуваат и ќе важат во периодот после 18:00 во текот на денот, освен оние што снабдуваат со леб и непастеризирано млеко (краткотрајно млеко).
Се апелира до стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина и Инспекторатот на Град Скопје.