Трајановски: Сите градови имаат заеднички проблем во борбата со климата

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска присуствуваше на Регионалната конференција за адаптација на климатските промени, којашто се одржува во хотелот „Александар Палас“ и имаше излагање пред присутните. Целта на регионалната конференција за адаптација на климатските промени е да се разменат информации меѓу клучните фактори во оваа област и да се овозможи подобра координација во активностите за адаптација на климатските промени во регионот. Во конференцијата учествуваат претставници од надлежните министерства од Република Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Турција и експерти.

„Живееме во свет во кој климата се менува. Без оглед на тоа дали се предизвикани од активностите на човекот, или се дел од природниот циклус на планетата Земја, стручњаците се согласуваат дека климатските промени мора да бидат разбрани како сериозна закана по животната средина, здравјето на луѓето, достапноста до природните ресурси и храната, економијата, изградената инфраструктура и квалитетот на животот и дека разорните последици на климатските промени ќе влијаат врз сите. Кога се знае дека над 50% од светското население и 75% од населението во Европа денес живее во градовите, очекувано е најголем број луѓе да претрпат најтешки последици во урбаните средини,“ истакна Трајановски.

Според него главните проблеми за градовите се заеднички: во повеќето градови ќе се зголеми интензитетот на врнежите и ќе се создаде дополнителен ризик од поплави, се очекуваат сушни периоди заради кои ќе се јавува недостиг од храна и вода, се повеќе ќе се јавуваат силни ветрови и олуи кои ќе влијаат врз градбите и инфраструктурата, ќе се јавува ерозија и лизгање на земјиштето.

„Сите наведени промени ќе влијаат на сообраќајната инфраструктура, ќе се јави поголема потреба од енергија за надминување на проблемите, стопанството ќе мора да се приспособува на новонастанатите услови и состојби, ќе се наруши здравјето на луѓето од топлотните бранови, растенијата и животните ќе ги сменат своите природни циклуси, околните подрачја на градовите ќе бидат погодени со суши, пожари, намалување на земјоделските приноси,“ додаде Трајановски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.