Трајановски: Успешна година во која успешно се реализирани голем број проекти

Градоначалникотна Град Скопје, Коце Трајановски одржи предновогодишна средба со претставници на медиумите на која го презентираше сработеното во  изминатата година и најави дел од палнираните активности за 2014 година.

„И оваа година од мојот мандат како градоначалник на Скопје, ја сметам за успешна година во која успешно реализиравме голем број проекти од повеќе сфери на урбаното живеење и од надлежностите на Град Скопје.  Најинтензивно работевме на намалување на сообраќајниот метеж и на проширување на клучни сообраќајници што секојдневно опслужуваат илјадници луѓе. Го проширивме и реконструиравме третиот дел од булеварот Илинден, во Карпош 3, со што сложениот проект за пробивање на овој значаен булевар доби успешна завршница. Успешно ја проширивме и втората делница од булеварот Борис Трајковски (поранешната улица Првомајска), на потегот од крстосницата со булеварот Србија до влезот во поранешната фабрика „Стакларница“. Улиците Лазо Трповски и Втора македонска бригада ги поврза кружен тек, а без застој се работи и на проширувањето на улицата 3.Македонска бригада.Ги решивме и долгогодишните проблеми на жителите на Инџиково, Јурумлери, Гоце Делчев и Трубарево со септичките јами вложивме во изградба на нова фекална мрежа. Градевме и нови водоводни мрежи и атмосферска канализација. На повеќе локации во градот поставивме подземни контејнери, со што Градот Скопје активно придонесе за подигнување на јавната свест за селекција на отпадот од домаќинствата и за намалување на отпадот што завршува на депонијата „Дрисла“. Во 2013 година Јавното сообраќајно претпријатие целосно го обнови својот возен парк. Благодарејќи на добрата соработка на Градот Скопје со Владата на Република Македонија, на градските улици сега сообраќаат вкупно  312 нови автобуси, од кои 80 се нископодни, 215 се двокатни, а 16 се минибуси. За заложбите на Градот Скопје за обнова на градските автобуси, за промоција на алтернативните видови транспорт и за доближувањето на убавините на Скопје до сите посетители Градот Скопје доби и меѓународно признание, престижната награда City Trophy, што ја доделува Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ). Во знак на поддршка на крводарителите опремивме Центар за дарување крв во Домот „Даре Џамбаз“, а поставивме и лифт и лифтовска платформа за лицата со посебни потреби во средното училиште „Арсени Јовков“, за сите ученици да добијат еднаков пристап до образовниот процес. За обнова на училишните згради на сите 21 средно училиште што се во надлежност на Градот Скопје вложивме 47 милиони денари. Средните училишта „Георги Димитров“ и „Здравко Цветковски“ почнаа да се греат на гас, со што Градот Скопје ја потврди заложбата за енергетски ефикасни училишта и јавни институции. И во текот на годинава Градот Скопје работеше на збогатување на зеленилото и на уредување нови зелени површини. Ги обновивме дрворедите по должината на булеварите, а паркот „Македонија“ и Паркот на 100 дрвја понудија нови зелени катчиња за рекреација. Во просториите на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ја опремивме и отворивме за посетителите Спомен-собата на браќата Миладиновци, а го финансиравме и издавањето на Зборникот на браќата Миладиновци, на албански јазик“, истакна градоначалникот Трајановски во излагањето за активностите реализирани во 2013 година.

За  наредната 2014 година градоначалникот Трајановски ги најави повеќе проекти како што е реализација на третата фаза од проектот за проширување на булевар Митрополит Теодосиј Гологанов (од „Алумина“ до улица Московска), проширување на булеварот Христијан Тодоровски Карпош од улицата Џон Кенеди до зградата на општината Чаир,продолжување на булеварот Партизански одреди кон Ѓорче Петров. Скопскиот градоначалник најави проширувањето на улицата 3.Македонска бригада, како и проширување на улицата Маџари, е ќе се работи на водоснабдувањето на Шуто Оризари. За реконструлција на училишните објекти   ќе се издвојат  40 милиони денари.

 Исто така, во текот на 2014 година  Градот ќе финансира и проекти од други области, како и традиционални манифестации поддржани од Градот Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.