Трајановски: Во 2009-та наследив тесни и претпријатија пред колапс

Уверен сум дека на овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе победи и повторно ќе ја добие довербата од граѓаните на Република Македонија во најголем број на општини, истакна во своето обраќање кандидатот за градоначалник и актуелен градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски на „Политичката академија“ организирана од страна на германската фондација „Конрад Аденауер“.

„Уверен сум дека на овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе победи и повторно ќе ја добие довербата од граѓаните на Република Македонија во најголем број општини. Ние и сега сме партија којашто и сега има повеќе од 90 отсто градоначалници, условно кажано во неалбанскиот дел, односно онаму каде што мнозинството не се Албанци. Тоа јасно зборува дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период многу добро работеше, тоа значи дека граѓаните неслучајно ја даваат довербата на локалните избори, а тоа е благодарение на нашиот претседател г-дин Никола Груевски и како претседател на ВМРО-ДПМНЕ меѓутоа и како претходен премиер на Владата која имаше стратегија и за државната и за локалната власт. Со тоа што имаше многу влијание и внимание на општините со голем број на проекти, со голем број на помошти кој што беа и кредити, меѓутоа беа и донации во изградба на водоводи, канализации и исто така во изградба на патишта и на сето она што им е потребно на граѓаните на Република Македонија“, истакна во своето обраќање Трајановски.

„Сега првпат по 11 години настапуваме од позиција на опозиција, но тоа не треба воопшто да нѐ загрижува, напротив треба да ни даде мотив повеќе, бидејќи сега ВМРО-ДПМНЕ најмногу зависи од нас, колку ние ќе успееме да ја добиеме довербата на граѓаните, а имаме многу што да кажеме. Тука се кандидати за градоначалници кои што и претходно биле градоначалници, тоа се луѓе кој што имаат многу сработено. Тие треба да бидат што поблиски до граѓаните во овој период и да ги презентираат проектите којшто ги направиле изминатиот период“, рече Трајановски.

„Мора да бидеме посветени, мора да бидеме транспарентни, мора да бидеме многу амбициозни, да бидеме сигурни во себе, да создадеме тим, тим којшто ќе победува, тимот е многу важен важен за кампањава, меѓутоа уште поважен кога ќе станете градоначалници. Со добар тим победата е сигурна и со добар тим реализацијата на проектите е многу посигурна“, истакна Трајановски.

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски претходно во саботата на својот ФБ профил објави видео снимка како мало потсетување за тоа каков град наследил во 2009 година, кога првпат ја доби довербата да биде градоначалник на Скопје.

„Тесни и нефункционилни сообраќајници, руинирани пешачки патеки, ниско ниво на хигиена и депонии. Нефункционални јавни претпријатија пред колапс, со долгови над 17 милиoни евра, без опрема и механизација, стари автобуси“, напиша Трајановски.