Трајковски го официјализираше трансферот во Палермо

Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски и официјално е нов фудбалер на Палермо.

Нашиот фудбалер ги изврши медицинските прегледи пред неколку недели, но неговиот трансфер денеска беше официјализиран.

Калчолигашот потпиша петгодишен договор со еден од нашиот најголеми таленти, што јасно покажува дека тимот во него гледа како фудбалер за иднината. За висината на неговиот трансфер од Зулте Варегем се шпекулира дека “сицилијанците” платиле еден милион евра обештетување.

“Прво многу сум среќен што дојдов во овој клуб. Ова за мене е голем предизвик, голем чекор напред. Се надевам дека можеме да оствариме големи работи во следните сезони. Во нападот можам да играм на секоја можна позиција, и лево и десно, моите квалитети се техниката и брзината и се надевам дека ќе постигнувам голови. Го следев Палермо во минатите сезони, и кога ја добив понудата бев посебно среќен затоа што сонував да играм во една од најсилните лиги. На навивачите сакам да им порачам дека доаѓам тука за да дадам се за клупските бои, да дадам максимум и да оствариме големи резултати”
, изјави Трајковски во видеото што го објави калчолигашот на својата интернет-страница.

Трајковски во Палермо доаѓа како замена за Пауло Дибала, кој замина во редовите на Јувентус.