Трамп ѝ вети на Меј ‘многу значаен’ трговски договор по брегзитот, го пречакаа протести

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во вторникот дека Вашингтон и Лондон би требало да ја зграпчат можноста и да постигнат договор за многу значајната трговска спогодба откако Велика Британија ќе истапи од Европската унија, а на вториот ден од неговата државна посета во британската престолнина го дочекаа и противниците на неговите политики.

На деловниот собир на кој присуствуваше придружуван од британската премиерка на заминување Тереза Меј, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека двете земји уште сега се едната за другата најголеми трговски партнери.

„Постои голема можност тоа да го прошириме, особено во контекстот на моменталните настани и драстично да ги прошириме и зголемиме трговските врски. Ќе работиме на тоа денеска, малку дури и утре, а веројатно и во следните неколку седмици. Верувам дека ќе имаме многу, многу значаен трговски договор“, порача Трамп.

Ѝ честиташе на Меј на „фантастичната работи“, велејќи дека му претставувало „чест да работи со неа“. „Не знам точно каков е распоредот, но да ја договориме спогодбата“, додаде Трамп.

Меј порача дека двете земји имаат „извонредно партнерство“ и дека е „можно да се направи чекор натаму“. Тоа е можно да се стори со „билатерален трговски договор, со поширока економска соработка и натамошна работа на формирање и влијание на глобалната економија“, додаде британската премиерка која во петок ќе отстапи од челната позиција во владејачката Конзервативна партија откако не успеа да ги убеди пратениците да го прифатат нејзиниот договор за раздружување со ЕУ.

Трамп по деловниот форум замина во „Даунинг Стрит“ на билатерална средба со премиерката Меј.

Истовремено во центарот на Лондон се собраа демонстранти кои во вторникот поставија голем балон во форма на Трамп кој твитува од златен тоалет. Протестот „Заедно против Трамп“ започна во текот на средбата на американскиот претседател и британската премиерка.

Медиумите известуваат дека се собрале илјадници луѓе, но агенцијата Reuters сепак оценува дека ги имало многу помалку отколку минатата година по истиот повод.

„Требаше да излеземе на поинаков ‘карневал на отпорот’ кој покажува дека ја одбиваме политиката на Трамп на поделби, нетрпеливост, омраза и алчност“, порачуваат од здружениот „Стоп Трамп“.

Меѓу Британците Трамп е еден од најпознатите но и најомразени странски челници. Само 21 отсто од испитаниците во анкетата на YouGov рекле дека за него имаат позитивно мислење. Кај жените, пак, така мислат уште помалку, односно само 14 отсто.