Трамп ја обвини СЗО дека е „кинеска марионета“

Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Светската здравствена организација (СЗО – WHO), дека е „кинеска марионета“, повторувајќи ги своите критики на сметка на организацијата во врска со управувњето со пандемијата на коронавирусот, и истовремено ги истакна условите во кои САД повторно би ја финансирале оваа агенција на Обединетите нации.

Вашингтон потполно ќе престане да ја финансира СЗО и ќе го ревидира своето членство доколку организацијата во текот на 30 дена не спроведе реформи, се истакнува во писмото кое Трамп му го испратил на генералниот директор на организацијата Тедрос Аданом Гебрејесус.

Како што истакнува американскиот претседател во дописот, неговата администрација го истражувала, според него, неуспешниот одговор на СЗО на пандемијата на коронавирусот.

„Оваа проверка ги потврди многи сериозните загрижености, кои ги изнесов минатиот месец, и постави други на кои СЗО морала да реагира, особено за алармантниот недостиг на независност на организацијата од Кина“, се вели во писмото кое Трамп го објави на Twitter.

Во него американскиот претседател бара од СЗО „да направи значителни суштински подобрувања“ во сопствената поставеност и начин на дејствување.

Како што претходно објави Трамп, Вашингтон уплаќа околу 450 милиони долари годишно во СЗО, додека Кина уплаќа само 40 милиони долари. Една од идеите беше „да се спуштат нашите 450 на 40“, но „некои луѓе сметаат дека тоа е премногу“, рече Трамп.

Трамп потоа на брифингот со новинарите во Белата куќа повторни дека не е задоволен од СЗО додавајќи „Таа е марионета на Кина“.

Запрашан за идните американски придонеси во финансирањето на СЗО, откако кон средината на април најави прекин на големото финансирање, Трамп рече дека „одлуката за тоа ќе ја донесе наскоро“.

Прашан, пак, зошто не се обратил на генералното собрание на организацијата, коешто во понеделникот и вторникот се одвива вируелно, Трамп одговори дека се одлучил „да не се обраќа денеска“, како и дека тоа ќе го стори во блиска иднина. Додаде, меѓутоа, дека мисли оти „СЗО во последно време работи многу тажна работа“.

Вашингтон досега уплаќаше најголем финансиски придонес во СЗО, чие седиште е во Женева. Но последните неколку седмици Трамп ги повторува обвинувањата на сметка на СЗО, тврдејќи дека организацијата застанала зад Кина, прикривајќи ја сериозноста на ситуацијата со короанвирусот кога тој се појави во декември во централната кинеска провинција Хубеи.

Трамп, исто така, ја обвинува СЗО, чијашто главна задача е да ги координира ситуациите со здравствените кризи во светот, дека се оглушила на предупредувањата од Тајван за сериозноста на коронавирусот. Оваа островска земја, чиешто постоење го признаваат мал број држави во светот, а Кина ја смета за своја одметната покраина, исто така, не беше поканета да учествува на дводневното генерално собрание на СЗО.

Последната илустрација за нарушените односи меѓу САД и СЗО е изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој исто така во понеделникот го критикуваше челникотна СЗО, обвинувајќи го за „недостиг од независност“, бидејќи одлучи да не го покани Тајван на генералното собрание, што според Помпео е резултат на притисокот од Кина.