Трамп ја поддржал иницијативата на Путин за самит на „петорката“ од Советот за безбедност на ОН

Американскиот претседател Доналд Трамп ја потврдил својата поддршка за предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за одржување самит на челниците на петте земји постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, изјави во вторникот за новинарите шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

„Иницијативата (за одржување на самитот на петте членки на СБ при ОН) беше изнесена на 23-ти јануари, во текот на говорот на претседателот Владимир Путин во Ерусалим на форумот за сеќавање на жртвите на холокаустот. Иницијативата ја поддржаа претседателите на Франција (Емануел Макрон) и на Кина (Кси Џинпинг). А пред кусо време претседателот Доналд Трамп ја потврди својата согласност и поддршка за овој предлог“, изјавил Лавров.

Според шефот на руската дипломатија за местото и временот на одржување на овој состанок на врвот допрва ќе се преговара.

„Што се однесува до местото и времето, тие прашања се договараат во моментов. Се надевам дека во многу блиска иднина ќе можеме да постигнеме договор и тогаш ќе биде објавено“, рекол Лавров.

Претходно Трамп, одговарајќи на прашањето на дописникот на руската агенција ТАСС на прес-конференција во Белата куќа, изјавил дека е можно оддржување состанок на претставниците на петте земји постојани члени на Советот за безбедност при ОН, кои имаат право на вето – Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција – во Њујорк, за да се дискутира, во прв ред, по прашањето за контрола над вооружувањето.

„Прашањата за стратешката стабилноста се дел од агендата, за којашто се потребни брзи и неодложни и невообичаени чекори, но на поширок план станува збор за опстанокот на човештвото. Првпат по многу години експертите почнуваат да зборуваат за веројатност од нуклеарна војна. Тоа е неприфатливо“, предупредил Лавров.

Потсетил дека уште последниот советски лидер Михаил Горбачев, заедно со неговиот тогашен американски колега Роналд Реган, имаа изјава за тоа дека во нуклеарната војна не може да има победник, и поради тоа никогаш не смее ниту да започне.

„Ги поканивме нашите американски колеги да ја потврдат оваа позиција во новонастанатите услови. Мина повеќе од година и половина, можеби и две години, одговор не добивме (…) Сметам дека за ова прашање треба да разговараат лидерите на ‘петорката’“, додал Лавров.

Кон крајот на јануари Владимир Путин, говорејќи на Петтиот светски форум за холокаустот, предложи да се одржи состанок на шефовите на држави и влади на постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, истакнувајќи дека Москва има намера „без одолжување“ да испрати такви пораки до челниците на петте земји.

Од руското министерство за надворешни работи, соопштиле дека самитот би можел да се одржи на јубилејната сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември, но дека за тоа сѐ уште нема договор.