Трамп: Бајден победи бидејќи изборите се наместени

Актуелниот американски републикански претседател Доналд Трамп во неделата првпат јавно на извесен начин призна дека неговиот демократски противкандидат Џо Бајден победил на претседателските избори на 3-ти ноември, но ги повтори обвинувањата дека изборите се наместени во полза на неговиот противник и порача дека нема да го признае поразот.

„Тој победи затоа што изборите беа наместени. На набљудувачите не им беше дозволено присуство, гласовите ги броеше приватната левичарска компанија Dominion со лоша репутација и лоша опрема, која не го мина тендерот ниту во Тексас каде јас победив со голема разлика, со лажните и замолчените медиуми и уште многу друго!“, напиша на Twitter Трамп, како одговоро на сторијата за Бајден на нему до пред изборите наклонетате телевизија Fox News.

Трамп, исто така, ги обвини демократите „за обид да ги украдат гласовите“ на американските избирачи и за вмешаност во „сите механички грешки кои се случија ноќта по изборите“.

„Сепак, тие успеаја, на многу начини, но не беа фатени. Гласањето по пошта е глупава шега“, заклучи Трамп.

Исто така, Трамп порача дека нема намера да го признае поразот на изборите, а дека Бајден победил само „во очите на измамничките/лажни медиуми“.

„Тој (Бајден) победи само во очите на лажните вести. Јас ништо нема да признаам! Ни претстои уште долг пат. Ова беа фалсификувани избори“, се наведува во уште еден твит на американскиот претседател.

Претседателските избори во САД се одржаа на 3-ти ноември, а по почетното водство на Трамп кој истата вечер прогласи победа, невообичаено за американските избори пребројувањето на гласовите продолжи и по четири дена неговата предност беше стопена и водечките американски медиуми го прогласија Бајден за победник. Според нив, Бајден досега освоил 306 електорски гласови, далеку повеќе од 270 неопходни за победа. Но сѐ уште резултатите не се потврдени од официјалните тела.

Трамп не го признава поразот и тој и неговите поддржувачи поднесоа бројни тужби за многу прекршувања на изборите од страна на изборните комисии.