Трамп би ги повлекол војските од Авганистан, но стравува од терористички напади во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ги повлече американските воени единици од Авганистан, но е загрижен дека без американско присуство оваа земја би моќела да се користи како база за терористички напади врз САД.

Во интервјуто емитувано на телевизиската мрежа Fox News, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека проблемот за повлекување на девет илјади американски војници од Авганистан, земја која во изминатите 18 години стана место на најдолгото американско војување, се состои во тоа што оваа земја е „лабораторија за терористите“. „Јас тоа го нарекувам Харвард за терористите“, рече Трамп.

Претседателот ги спомена разговорите кои ги водел со американските воени челнии, на кои им ја искажал својата желба да ги повлече силите. Меѓутоа, тие го предупредиле дека би било подобро да се води борбата против терористите во Авганистан, отколку дома. Дури и доколку САД ги повлечат своите трупи, рече Трамп, би задржале „многу силна разузнавачка служба“ во Авганистан.

Разговорот со Трамп е снимен во текот на викендот, пред бомбашкиот напад на талибанските исламистички борци во понеделникот во авганистанската престолнина Кабул, во кој се убиени шест лица а 105 се ранети.

Нападот се случи по почетокот на третиот ден од седмиот круг на преговорите кои во катарска Доха ги води американскиот специјален пратеник за Авганистан, Залмај Калилзад, со движењето Талибан со цел да се стави крај на 18-годишната војна во оваа земја. Мировните преговори се насочија кон четири прашања: антитероризам, повлекување на странските трупи, меѓуавганистански дијалог и сеопфатен прекин на огнот, во услови кога талибаните го проширија своето дејствување на поголем дел од територијата, па како ретко кога претходно сѐ почесто и посилно воено дејствуваат и во главниот град Кабул.