Трамп добро го оцени својот пријател Ердоган

891

Американскиот претседател Доналд Трамп му честиташе на „својот пријател“ турскиот колега по должност Реџеп Тајип Ердоган во текот на средбата во четвртокот во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации и оцени дека турскиот челник заслужува добри оцени.

Ердоган „стана мој пријател“, изјави Трамп пред средбата. „Тој владее во многу тежок дел од светот. Искрено, заслужува добри оцени“, додаде американскиот претседател.

Односите меѓу Анкара и Вашингтон се многу затегнати, особено поради американската воена поддршка на формацијата Сириски демократски сили (SDF). Станува збор за коалиција во којашто доминираат сириските Курди од милицијата Единици за заштита на народот (YPG), којашто Турција ја смета за терористичка организација блиска на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), којашто настојува да контролира што поголем дел од турско-сириската граница, каде што прогласи автономија.

Турција, исто така, повеќепати безуспешно бараше екстрадиција од САД на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој од 1999 година живее во доброволен егзил во сојузната држава Пенсилванија. Анкара го обвинува дека е организатор на „терористичката“ мрежа FETO којашто формира „паралелна држава“ во турските институции на сите нивоа и која ја смета за одговорна за неуспешниот обид за воен удар до 15-ти јули 2016 година.

Покрај тоа, на почетокот од седмицата американската влада одлучи да ја замрзне продажбата на оружје на службата за обезбедување на турскиот претседател Ердоган, чиишто припадници се осомничени дека во мај ги нападнале мирните курдски демонстранти во американската престолнина.

Анкара одговори со најава на набавка на вооружување од друга држава, како што иако е втората по големина членка на НАТО, минатата седмица склучи договор за набавка на руските противракетни системи С-400, што беше критикувано од Вашингтон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.