Трамп: Досега тестиравме 40 милиони луѓе за коронавирус, затоа се така високи бројките

22

Доналд Трамп тврди дека 40 милиони луѓе досега биле тестирани за коронавирус во САД, откако земјата забележа нов дневен рекорд од 60.500 новозаразени.

„Ќе повторам по стоти пат: причината што имаме толку многу случаи на коронавирус е затоа што ние тестираме повеќе и подобро. Досега тестиравме 40.000.000 луѓе. Доколку тестиравме 20 милиони, и бројките ќе беа двојно помали“, напиша Трамп на Твитер.

Според универзитетот Џонс Хопкинс, од почетокот на епидемијата во САД има 3,2 милиона заразени, што е најмногу на светот. Расте и бројот на починати од ковид-19 во САД и во изминатите три дена просекот бил повеќе од 900. Вкупната бројка мртви изнесува повеќе од 135.000.

Бројот на заразени е во пораст во 41 од 50 сојузни држави во изминатите две недели и американската јавност е силно поделена по прашањата како носење маска и повторно отворање на бизнисите и училиштата. Трамп дури се закани дека ќе ги укине федералните средства за училиштата доколку не почнат со работа наесен.

Сопственичката на продавница во Орландо вели дека само половина од нејзините муштерии носат маска.

„Тие се прават како сѐ да е нормално, кога не е. Луѓето се разболуваат и умираат“, вели таа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.