Трамп ќе се обрати на конференцијата на републиканските конзервативци во Орландо

Поранешниот американскиот претседател Доналде Трамп ќе се обрати следната седмица на Конференцијата за конзервативна политичка акција на Републиканската партија во Орландо на Флорида, пренесува теелвизијата CNN повикувајќи се на свои извори.

Трамп ќе зборува за иднината на Републиканската партија и конзервативното движење, според информиран извор. Конференцијата ќе се одржи од 25-ти до 28-ми февруари, а говорот на Трамп е закажан за последниот ден.

Покрај Трамп, на конференцијата ќе учествуваат и други претставници на претходната претседателска администрација и неговите политички сојузници, вклучувајќи го и поранешниот државен секретар, Мајк Помпео.

Поранешниот претседател на САД се држеше вон фокусот на јавноста од крајот на неговиот мандат, но даде интервју по повод смртта на конзервативниот радио водител Раш Лимбо.

Како што се наведува во прилогот, првиот говор на Трамп по завршувањето на неговиот мандат на 28-ми февраури ќе биде посветен на иднината на Републиканската партија и нејзниното конзервативно движење. Покрај тоа, се очекува поранешниот претседател остро да ги критикува миграциските политики на неговиот наследник на должноста, демократскиот претседател Џо Бајден.

Претходно деновиве Трамп во писмена изјава остро го критикуваше водачот на републиканското малцинство во американскиот Сенат, Мич Мекконел обвинувајќи го дека не покажува волја, а исто така укажувајќи дека нема „политичка интуиција, мудрост и умешност“. Според поранешниот претедател, тоа доведе републиканците да го загубат мнозинството во горниот дом на американскиот Конгрес.