Трамп ги обвини демократите и медиуми за ширење паника поради појавата на коронавирусот

Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини во средата своите демократски противници и некои медиуми, како на пример CNN, дека шират паника поради епидемијата на новиот коронавирус, со што внесле немир на пазарите.

Големите медиуми „се трудат да го прикажат коронавирусот што потежок и создаваат паника на пазарите“, предупреди американскиот преседател Доналд Трамп во твит во средата утрото по локално време.

Трамп подоцна во средата ќе има обраќање по повод појавата на новиот сој коронавирус на прес-конференција во Белата куќа, околу полноќ по средноевропско време во присуство на функционери од американскиот Центар за контрола и превенција на болестите (CDC).

За Трамп економскиот ефект е главен аргумент на капањата за нов мандат во Белата куќа, а во вторник на њујоршки Волстрит цените на акциите остро паднаа четврти ден по ред, поради стравувањата на пазарите поврзани со епидемијата на коронавирусот Covid-19.

Трамп, исто така, им забележа на „демократите кои не прават ништо“ дека „премногу зборуваат“, додека неговата администрација предвидува да издвои 2,5 милијарди долари во справувањето со епидемијата.

Предлогот е „срамен, тенок, анемичен“ и доаѓа „предоцна“, реагираше во средата шефицата на демократите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси. Сенаторот од редовите на демократите, Чак Шумер, исто така огорчен противник на Трамп, во средата бараше 8,5 милијари долари за финансирање итни мерки.

Ден порано во текот на официјалната посета на Индија, Трамп рече дека епидемијата на коронавирусот „во САД е под контрола“, каде што се заразени 59 лица, од кои 45 се заразиле во странство, според податроците на американските здравствени власти.

Американската војска објави дека еден војник распореден во Јужна Кореја е ставен во карантин, бидејќи е позитивен на коронавирусот. Властите во САД, исто така, стравуваат дека епидемијата може да го загризи синџирот на снабдување со лекови, бидејќи најголем дел од материјалите кои се користат во изработка на препаратите, лековите и опремата за целиот свет се произведуваат во Кина, која е жариште на епидемијата.

Според последните податоци на Светската здравствена организација околу 80.000 лица во целиот свет се заразени а малку помалку од три илјади починале.