21.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Трамп ги обвини докторите, се збогатуваат од починатите од корона

Претседателот на САД, Доналд Трамп и демократскиот кандидат Џо Бајден вчера побараа поддршка од државите на Средниот Запад, каде се врати пандемијата на коронавирус, додека Трамп ги обвини лекарите дека профитирале од смртни случаи од ковид-19 .

„Треба да ја отворите својата држава и треба да го сторите тоа брзо“, рече Трамп на митингот во Грин Беј, Висконсин, само четири дена пред изборите.

Тој подоцна поздрави стотици приврзаници на митинг во Рочестер кои не биле во можност да влезат на митингот, кој бил ограничен на 250 учесници.

Трамп подоцна го истури гневот врз здравствениот систем на САД, обвинувајќи ги лекарите за надувување на бројот на смртни случаи.

„Нашите лекари добиваат повеќе пари ако некој умре од корона“, рече тој во градот Ватерфорд во Мичиген.

Бајден го обвини Трамп за „откажување“ од борбата против вирусот и додаде дека не смее да го напаѓа медицинскиот персонал кој лекува заразени.

„За разлика од Доналд Трамп, ние нема да му попуштиме на овој вирус“; рече тој на митинг во Сент Луис во Минесота. Поддржувачите, седејќи на далечина во своите автомобили, трубеа во знак на поддршка. Пандемијата на коронавирус, која уби близу 230.000 луѓе во САД и предизвика милиони да останат без работа, е доминантна тема во последните денови од кампањата.

Трамп, кој неодамна се опорави од ковид-19, со месеци ја омаловажуваше здравствената криза, велејќи им на поддржувачите во последните неколку недели дека земјата „продолжува понатаму“ дури и во случај на зголемување на бројот на заразени. Бајден предупреди на претстојната „мрачна зима“ и вети дополнителни напори да спречи ширењето на вирусот.

Бајден води пред Трамп со 52 до 42 проценти во националните анкети спроведени од Ројтерс и ИПСОС, делумно заради справувањето на Трамп со пандемијата. Анкетите покажуваат дека ќе има поблиска конкуренција во клучните земји, кои ќе одлучат за исходот на изборите.

Фокусот кон северните држави на Средниот Запад ја истакна важноста на расните теми во тие земји. Мичиген и Висконсин се две од трите историски демократски држави, заедно со Пенсилванија, кои тесно гласаа за републиканскиот кандидат во 2016 година.

Минесота, која не гласа за кандидат на Републиканците од 1972 година, е една од неколкуте држави што Трамп се обидува да ги добие оваа година. Бајден рече дека неговата посета не е знак на загриженост бидејќи тој има стабилно водство, додека Трамп ќе дојде во посета подоцна во текот на денот.

Пандемијата и високото ниво на ентузијазам ги поттикнаа Американците да гласаат порано со досега невидени бројки.

Повеќе од 86 милиони гласови веќе гласале по пошта или лично, што е околу 63 проценти од вкупниот број гласови на изборите во 2016 година, според американскиот изборен проект на Универзитетот во Флорида.

Трамп во неколку наврати повтори без докази дека поштенското гласање е подложно на измама и неодамна рече дека треба да се бројат само гласачките ливчиња што ќе бидат достапни ноќта на изборите.

Предвременото гласање покажало дека многу повеќе демократи гласале по пошта, додека републиканците се очекува да излезат во поголем број во вторник.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.