Трамп ги пречека посмртните останки на Американците од Сирија

Brendan Smialowski/AFP/Getty Images

Американскиот претседател Доналд Трамп допатува во саботата во воздухопловната база во Довер, во сојузната држава Делавер, каде што беа донесени посмртните останки на четворицата американски војници загинати во средата во бомбашки напад во северниот сириски град Мнабиџ.

„Одам во Довед за да бидам со семејствата на четворицата извонредни луѓе кои го загубија животот служејќи ѝ на нашата земја“, објави на Twitter во саботата претпладнето по локално време американскиот претседател Доналд Трамп.

Во воздухопловната база Довер, на час лет северно од Вашингтон, вообичаено се пренесуваат телата на американските војници загинати во операциите надвор од САД,

Претседателот Трамп, придружуван од неколку високи функционери, меѓу кои државниот секретар Мајк Помпео и вршителот на должноста министер за одбрана Патрик Шанахан, го пречека воениот транспортен авион од типот „C-17“ од кој беше изнесен прво ковчегот прекриен со американското знаме со посмртните останки на Скот Вирц, експерт за поддршка на операции, цивилен припадник на министерството за одбрана од Сент Луис, во сојузната држава Мисури, а подоцна истото беше сторено и со другите три ковчега.

Претходно во блиската аеродромска зграда Трамп разговараше со членовите на семејствата на жртвите.

Деветнаесет луѓе беа убиени, меѓу кои и американски војници и цивилно лице вработено во Пентагон, додека биле во состав на мешовита патрола со припадници на апрапско-курдската коалиција во Манбуџ, во бомбашкиот напад за кој одговорноста ја презема џихадистичката организација Исламска држава.