Трамп гледа попуштање на Иран по ракетните напади

Се чини дека Иран попушти по ракетните напади врз американските сили во Ирак во кој не е повреден ниеден американски граѓанин, изјави во средата американскиот претседател Доналд Трамп и најави нови економски санкции за Техеран, но не и воена акција против Иран.

Иранската државна телевизија објави дека Иран изминатата ноќ истрелал најмалку 15 проектили врз американски цели во Ирак, и јавува како и други медиуми во регионот за 80 жртви. Американски и европски извори блиски до разузнавачките агенции во обид да го минимизираат значењето на иранскиот напад проценуваат дека Иран намерно промашувал за да се избегнат жртви.

Меѓутоа, ирачките информации говорат за штети во базите во Аин ел-Асад и Ербил, како и дека Техеран ја предупредил владата во Багдад за претстојниот напад, кој пак за тоа го известил Вашингтон. Покрај тоа, во средата продолжи повлекувањето од Ирак на војниците од членките на меѓународната коалиција предводена од САД.

„Се чини дека Иран попушта, а тоа е добро за сите страни и многу добро за светот“, рече Трамп во обраќањето до нацијата од Белата куќа.

„Ниеден американски граѓанин не е повреден во синоќешниот напад на иранскиот режим. Немаме жртви. Ниеден американски или ирачки живот не е загубен, бидејќи се преземени мерки на претпазливост, силите се распрснати и многу добро работи системот за рано предупредување“, рече Трамп и додаде дека Американците за овој факт треба да бидат „крајно благодарни и среќни“.

Трамп најави „веднаш дополнителни економски санкции за иранскиот режим“ и тие ќе бидат на сила „сѐ додека Иран не го промени своето однесување“. Но се воздржа од каква и да е директна воена акција против Иран.

Истакна дека САД продолжуваат да ги разгледуваат можните опции за ракција на иранскиот напад врз американските бази. „Силата на Америка, како воената, така и економската, е најдобриот факт за воздржување“, рече Трамп.

Сепак, порача дека САД поседуваат „поголеми и помоќни ракети“ и потврди дека американската војска развива хиперсонично оружје. „Но фактот дека имаме такво одлично оружје не значи дека треба да го користиме“, заклучи Трамп.

Ги повика сите светски сили, вклучително и Русија и Кина, да излезат од нуклеарниот договор кој шесте сили го скучија со Иран во 2015 година а од кој во мај 2018 година еднострано истапија САД, и повика заедно да се изработи нов договор. Според Трамп овој договор имал „недостатоци“ и му овозможувал на Техеран „отворен и брз пат до нуклеарно напредување“.

„Иран мора да ги напушти своите нуклеарни амбиции и да стави крај на поддршката на тероризмот. Дојде времето Велика Британија, Германија, Франција, Русија и Кина да ја признаат оваа реалност“, рече Трамп.

Истовремено вети дека нема да дозволи Иран да дојде до нукеларно оружје. „Додека јас сум претседател, на Иран нема да му биде дозволено да поседува нуклеарно оружје“, порача Трамп.

Трамп им се обрати и на иранскиот народ и на нивните челнции.

„Сакаме да имате прекрасна иднина, која вие ја заслужувате, со просперитет дома и хармонија со земјите во светот. САД се подоготвени да склучат мир со сите, кои тоа го сакаат“, рече американскиот претседател.

Трамп додаде и дека бара од сојузниците во НАТО поактивно учество во процесите на Блискиот исток.