Американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во понеделникот изјави дека TikTok е закана за националната безбедност, но дека забраната на популарната апликација ќе им наштети на децата и ќе го зајакне Facebook, којшто републиканецот остро го критикуваше.
Забелешката на Трамп доаѓа додека американските законодавци оваа седмица го разгледуваат предлог-законот со кој на сопственикот на TikTok, „ByteDance“, ќе му дадат околу шест месеци да се ослободи од популарната видео апликација за куси воидеозаписи.
Претставничкиот дом на Соединетите држави треба да гласа во среда за легислативата со која на кинеската технолошка компанија „ByteDance“ ќе ѝ даде многу краток рок да се повлече од сопственоста на платформата што ја користат 170 милиони Американци.
„Ако го забраните TikTok, тогаш Facebook и другите, но главно Facebook, ќе станат многу посилни. Мислам дека Facebook беше многу нечесен“, изјави Трамп за американската телевизиска мрежа CNBC News во понеделникот.
Трамп претходно ја критикуваше компанијата, сега наречена „Meta Platforms“, која нему и на бројни конзервативни политичари и активисти им го забрани пристап до Facebook и Instagram, откако отстрани две негови објави за време на упадот на Капитол на 6-ти јануари 2021 година. Неговите кориснички сметки беа вратени во февруари 2023 година, но Трамп се откажа од нивното користење и создаде своја соијалма мрежа.
Особено жестоко го критикуваше Facebook и платформата за мироблогирања Twitter (пред да ја купи Илоин Маск и да ја преименува во Х), која исто така го блокираше, откако се дозна дека биле во договор со администрацијата на актуелниот претседател Џо Бајден за бришење одредени содржини и објави посебно поврзани со политиките на Белата куќа и истрагата за синот на претседателот Хантер Бајден.
Трамп, исто така, рече дека забраната на TikTok може да влијае на младите луѓе. „Има многу млади деца на TikTok кои ќе полудат без него. Има многу лоши и добри работи во TikTok“, рече поранешниот американски претседател.
Претседателот Џо Бајден минатата седмица рече дека ќе го потпише нацрт-законот, кој беше едногласно одобрен од конгресната комисија.
TikTok, чиј сопственик ги негира американските стравувања и вели дека никогаш и нема да ги споделува податоците на американските корисници со кинеската влада, тврди дека законот всушност значи забрана на апликацијата. Не е јасно дали Кина ќе одобри каква и да е продажба и дали TikTok ќе се продава за шест месеци.
„Овој предлог-закон има однапред одреден исход, што е целосна забрана за TikTok во Соединетите држави. Владата се обидува да лиши 170 милиони Американци од нивното уставно право на слобода на изразување“, соопшти компанијата.
Нацрт-законот ќе му даде на „ByteDance“ 165 дена да се ослободи од сопственоста на TikTok. Ако не е така, продавниците за апликации управувани од Apple, Google на и други нема да можат легално да нудат TikTok или да обезбедуваат услуги за веб-хостинг на апликации контролирани од ByteDance.
Во 2020 година, Трамп се обиде да ги забрани TikTok и WeChat во кинеска сопственост, но беше блокиран од судовите.
Апликацијата е многу популарна меѓу Американците, па затоа ќе биде тешко за Претставничкиот дом и Сенатот да го усвојат предложениот закон во изборна година. Кампањата на Бајден се приклучи на TikTok минатиот месец, но не и кампањата на Трамп.
Доколку биде усвоен, законот ќе му даде на „ByteDance“ 165 дена да го продаде TikTok. Доколку продажбата не се изврши до тој датум, би било нелегално операторите на продавници за апликации како „Apple“ и Google на „Alphabet“ да ја направат апликацијата достапна за преземање и нема да можат легално да нудат TikTok или да обезбедуваат услуги за веб-хостинг на апликации контролирани од „ByteDance“. Предлог-законот, исто така, разгледува слични забрани за други апликации „контролирани од странски противнички компании“.