Трамп го одложува самитот на Г7

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го одложи состанокот на групата седум најразвиени земји Г7, кој беше планиран за следниот месец во САД и покрај епидемијата на коронавирусот, истакнувајќи дека сака да го прошири со други држави со образложение дека сегашниот формат е  „многу застарен“ и не одразува добро „што се случува во светот“.

Трамп изјави дека сака да го прошири овој состанок на врвот со Русија, Австралија, Јужна Кореја и Индија.

„Не чувствувам дека Г7 правилно го претставува она што се случува во светот. Тоа е многу застарена група на земји.„Би сакал да ги поканам Русија, Јужна Кореја, Австралија и Индија да учествуваат во проширениот самит“, рече американскиот челник.

Трамп посочи дека сѐ уште не поставил нов датум за состанокот, но дека смета дека тоа би можело да се одржи во септември, во исто време со годишниот собир на светските лидери во ОН во Њујорк или можеби по изборите во САД во ноември.

Директорот на стратешката комуникација во Белата куќа, Алиша Фарах, рече дека Трамп сака да донесе некои од традиционалните сојузници на САД и држави погодени од коронавирусот.

Изјавата на Трамп беше дадена по објавата од кабинетот на германската канцеларка Ангела Меркел дека таа нема да учествува на состанокот, освен ако не се промени трендот на коронавирусот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.