Трамп го потпиша историскиот пакет економска помош, го принуди GM да произведува респиратори

Американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша во петокот пакетот економска помош во борбата против коронавирусот и се повикува на претходно активираниот закон од времето на Корејската војна да го принуди „General Motors“ да произведува респиратори во текот на пандемијата.

Претходно Претставничкиот дом на Конгресот во петокот го усвои историскиот пакет на економска помош кој треба да му овозможи на американското стопанство да избегне трајна рецесија под влијанието на пандемијата од новиот сој коронавирус.

Американскиот претседател Доналд Трамп го поддржува овој пакет, најголемиот усвоен во историјата на САД, со кој ќе се издвојат 2.000 милијарди долари. По потписот на Трамп, само неколку часа по усвојувњето во Конгресот, пакетот за помош стапи на сила.

Покрај тоа, Трамп изврши притисок врз гигантот „General Motors“ за да го принуди да произведува респиратори во текот на пандемијата. Притоа се повика на законот за воено производство донесен уште во текот на војната на Корејскиот полуостров.

„GM губи време. Оваа одлука ќе овозможи брзо производство на респиратори кои ќе спасат многу американски животи“, напиша на Twitter Трамп во кусото соопштение со кое ја најаува оваа вонредна мерка.

Оваа мерка, којашто Трамп ја активираше на 20-ти март, ѝ овозможува на владата на САД да го забрза производството на заштитни медицински маски, респиратори, вентилатори и друга потребна опрема. Овој Defense Production Act, воведен во текот на Корејската војна од 1950 година, на владата ѝ дава овластувања над приватните компании, на пример, да ги принуди да произведуваат одредени продукти, односно во вонредни услови приватниот индустриски сектор да се мобилизира за безбедноста на земјата.

„Денеска го потпишав декретот со кој му наредувам на министерот за здравство да се послужи со законот Defense Production Act и да бара од ‘General Motors’ да се согласат, изведат и да дадат предност на сојузните договори за респиратори“, напиша американскиот претседател.

Претходно во текот на денот Трамп на Twitter напиша дека „General Motors“ МОРА веднаш да ја отвори својата глупаво напуштена фабрика во Лордстаун во Охајо или некоја друга и да ЗАПОЧНЕ ДА ПРОИЗВЕДУВА РЕСПИРАТОРИ ВЕДНАШ!!!“.

Гувернерот на сојузната држава Њујорк, Ендрју Куомо, неколку дена ја повикува сојузната влада да му испорача респоратори, за државата која е најпогодената да се подготви за пикот на епидемијата кој се предвидува за три седмици.