Трамп го скастри бројот на бегалците кои смеат да влезат во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп драматично го намали бројот на бегалците на коишто им е дозволено да влезат на територијата на САД на 18.000 луѓе, во актуелната фискална година.

Намалувањето на споменатата бројка „е оправдано со хуманитарни причини или е во национален интерес“, се наведува во меморандумот кој претседателот Трамп го потпишал, а неговата служба за односи со јавноста го дитрибуирала во петокот ноќта.

Според новата политика, бројот на лицата кои доаѓаат од Ирак е ограничен на 4.000 луѓе, а бројот на лицата на кои ќе им биде дозволено влегување во САД од Салвадор, Гватамала и Хондурас на 1.500. Другите 12.500 влезни визи остануваат за луѓето кои стравуваат од прогони поради сопствените верски уверувања, или се однесува на лицата кои потпаѓаат под Американската програма за прифаќање бегалци.

Станува збор за најниската бројка од воведувањето на американска бегалска политика од 1980 година. Лимитот за минатата фискална година изнесуваше 30.000 лица.

„Во центарот на надворешната политика на администрацијата на претседателот Трамп е доследноста во носењето одлуки врз основа на реалноста, а не желбата да се постигнат оптимални исходи засновани на конкретни факти“, се наведува во изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Во текот на 2016 година, последната година од мандатот на претходниот американски претседател Барак Обама, околу 85.000 бегалци можеле да влезат во САД. Доналд Трамп веќе во 2017 година таа бројка ја намали на околу 53.000 бегалци, според извештајот кој во март годинава го објави министерството за внатрешна безбедност. Американската влада го објави својот план кон крајот на септември, кога наведе дека новиот лимит ќе ѝ овозможи на администрацијата да се занимава со отворените прашања на јужната граница, којашто е прогласена за кризна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.