Трамп и демократите без договор за деблокада на владата

43

Американскиот претседател Доналд Трамп и челниците на демократите во Конгресот во петокот не успеале да се договорат за деблокада на сојузната влада и продолжуваат со кавгата околу барањето на претседателот во буџетот да се обезбедат пет милијарди долари за градење на ѕидот на границата со Мексико за да се спречи нелегалната миграција, изјавија пратениците.

Двајца демократски конгресмени по состаникот во Белата куќа не покажале никакви знаци на напредок во преговорите со претседателот Доналд Трамп, а едниот дури рекол дека претседателот се заканил со блокадата од „неколку месеци, па и години“, доколку не му бидат доделени средства за ѕидот.

Трамп го оцени состаникот како продуктувен, а претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, оцени дека на моменти минал во кавга.

„Сите го сакаме истото, да ја деблокираме владата“, рече Трамп. Но потоа по новинарско прашање потврдил дека се заканил дека, доколку биде потребно, сојузните агенции ги држи затворени со години. „Да, апсолутно тоа го кажав“, рече Трамп во градината Белата куќа. „Се надевам дека тоа нема да се случи, но јас сум подготвен“, истакнал.

„На претседателот му кажавме дека сакаме деблокада на финансирањето на владата. Но тој се спротистави. Всушност, рече дека ќе ја држи затворена многу долго, со месеци па дури и со години“, изјави челникот на демократите во Сенатот, Чак Шумер.

Делумната финансиската блокада ја парализира работата на 25 отсто од сојузна администрацијата, а некои од нив клучните министерства. Околу три четвртини од програмата на федералната влада ќе се финансираат до 30-ти септември следната година кога завршува фискалната година во САД, меѓутоа финансирањето на другите, вклучително и на министерствата за национална безбедност, за правосудство и за земјоделие, истече на полноќ кон 22-ри декември. Националните паркови ќе бидат затворени и повеќе од 400.000 ткн „основни“ вработени во овие агенции ќе работат без плата додека не биде решен спорот. Другите 380.000 ќе бидат на „распуст“, што значи дека ќе бидат испратени на принуден одмор. Силите за одржување на редот, граничните патроли, испораките на поштенски пратки и операциите на аеродромите ќе продолжат со работа.

„Штотуку го завршивме долгиот и на моменти кавгаџиски состанок со претседателот. Договоривме дека ќе ги продолжиме разговорите“, изјави за новинарите Пелоси.

Ова беше прв состанок меѓу Трамп и демократските челници откако оваа седмица ја презема контролата во Претставничкиот дом по изборите на половината од претседателскиот мандат во ноември. Сепак, републиканците го зацврстија мнозинството во Сенатот.

За да биде ставен крај на блокадата, двата дома на американскиот парламент Конгресот, и Претставничкиот дом и Сенатот, ќе мора да го одобрат договорот за кој преговараат тимот на Трамп и републиканските и демократските челници. Трамп, кој за градењето на ѕидот бара пет милијарди долари, претходно рече дека е потребно да се запре незаконската миграција и трговијата со дрога и со луѓе преку границите. Кога се кандидираше на претседателските избори во 2016 година, Трамп вети дека ѕидот жќе го плати Мексико кој ја одби таквата понуда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.