Трамп и Ким без договор за денуклеаризацијата

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун не успеаја да постигнат договор за денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров на нивниот втор состанок на врвот одржан во виетнамската престолнина Ханој во четвртокот, објави Белата куќа.

„Двајцата лидери разговараа за различните начини на денукеларизацијата и за економските концепти. Во овој момент никаков договор не е постигант, но нивните тимови се надеваат на идни средби“, објави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

Трамп и Ким имаа за во четвртокот планирана низа разговори во хотелот „Metropole“ коишто требаше да завршат со „заедничка свеченост на потпишувањето на договорот“, според Белата куќа којашто меѓутоа не објави што требало да се потпише.

Двајцата челници го напуштија местото на преговорите без планираниот заеднички ручек и заминале во своите хотели, а Трамп ќе одржи конференција за новинарите.

Трамп и Ким во четвртокот го започнаа вториот ден од самитот во главниот град на Виетнам, изразувајќи надеж во натамошен напредок во подобрување на односот и клучното прашање за денуклеаризацијата.

„Доколку тоа не сум спремен да го сторам, не би бил тука“, рече Ким пред новинарите со помош на преведувач кога беше запрашан дали е подготвен да се откаже од нуклеарното оружје.

Трамп, одговарајќи на неговите зборови, рече „Тоа можеби најдобриот одговор кој некогаш сте го слушнале“.

Двајцата лидери седеа еден наспроти друг на конференциска маса, секој со своите соработници.

Ким не појаснил што „денуклеаризацијата“ би содржела, а запрашан дали е подготвен на конкретни чекори, севернокорејскиот водач одговори дека токму за тоа било разговарано. „Се надевам дека ќе ни дадете време за разговори. И минута е драгоцена“, рече за новинарите.

САД од Северна Кореја бараат да се откаже од целата нуклеарна и ракетна програма, а Пјонгјанг бара отстранување на американскиот нуклеарен чадор во регионот кој ги опфаќа Јужна Кореја и Јапонија.

Самитот на двајцата лидери ланскиот јуни во Сингапур, прв меѓу американски претседател и севернокорејски челник, произведе изјава во којашто Ким се обврза на напорите кон денуклеаризација на Корејскиот полуостров, но од тогаш има малку напредок.

Започнувајќи го вториот ден од самитот во Ханој, Трамп повторно истакна дека преговорите за севернокорејската нуклеарна закана не треба избрзано да се водат.

„Од почетокот зборувам дека брзината за мене не е важна. Извонредно го ценам тоа што нема тестирања на нуклеарни ракети. Ким и јас сакаме вистински договор“, рече Трамп пред средбата со Ким.

Северна Кореја, од првите контакти меѓу Вашингтон и Пјонгјанг, не спроведе нуклеарни проби и тестови на интерконтинентални балистички проектили.

Ким, кого новинар го праша дали е убеден дека ќе биде постигнат договор, повторно преку преведувач рече „Прерано е да се каже, но не би рекол дека сум песимистичен. Моето моментално чувство, имам чувство дека ќе има добри резултати… Вложивме многи напори и време е да ги покажеме“, рече Ким.

Трамп повтори дека Северна Кореја има огромен потенцијал, и дека доколку биде постигнат договор оваа изолирана земја би можела да стане „економска велесила“. Запрашан дали разговарале за човековите права, Трамп одговори дека разговарале за сѐ.

Во текот на кусиот прекин во разговорите, двајцата челници прошетаа околу половина час во хотелската градина крај базаенот.