Трамп и Макрон бараат состанок на петте постојани членки на Советот за безбедност при ОН

1552

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот француски колега по должност Емануел Макрон разговарале во петокот ноќта за свикување состанок на петте постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, на кој би се дискутирало за поголема соработка во борбата против коронавирусот.

Двајцата челници телефонски разговареле за свикување состанок на петте земи: САД, Франција, Русија, Кина и Велика Британија, инаку единствените земји со право на вето, соопшти портпаролот на Белата куќа, Џад Дир.

САД и Франција се меѓу земјите со најголем број заразени и починати од многу заразниот нов тип коронавирус, поради кој Светската здравствена организација (СЗО – WHO) минатиот месец прогласи пандемија.

Во САД регистрирани се повеќе од 261.000 лица позитивни на коронавирусот, а од нив починале 6.699 луѓе. Франција, пак, во петокот вечерта објави дека бројот на лицата кои починале во последните 24 часа како последица од Covid-19 изнесува 588, што е нов рекорд на дневна основа. Во Франција се потврдени вкупно над 65.000 заразени, а починале најмалку 6.518 луѓе.

Советот за безбедност при ОН во Њујорк, последните седмици е блокиран поради спорот меѓу САД и Кина околу потеклото на коронавирусот, што Вашингтон сака да го истакне во секоја дискусија или во секој текст на светската организација.

Русија и Кина, пак, немаат желба Советот за безбедност кој првенствено е задолжен за прашањата на мирот и безбедноста во светот, да се занимава со прашањата за коронавирусот, коешто е здравствено и економско прашање, и предлагаат поширока дебата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.