Трамп и Путин нема да се сретнат додека не се вратат украинските бродови

Нема да има средба меѓу американскиот и рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин, се’ додека Русија не ги врати запленетите украински воени бродови и не ги ослободи нивните екипажи кои се притворени на Крим, изјави во четвртокот советникот на Белата куќа, Џон Болтон, и додаде дека САД ќе се спротистават на јакнењето на влијанието на Кина и Русија во Африка.

„Не гледам услови во блиска иднина под коишто би можела да се случи средбата додека бродовите и екипажите не бидат ослободени“, рече Болтон за новинарите во Вашингтон.

Русија во ноември заплени три украински воени брода со 24 членови на екипажот во Керчкиот канал кој ги поврзува Црното и Азовското Море, обвинувајќи ги дека ги прекршиле меѓународните прописи за територијалните води, оти изведувале опасни маневри и се оглушиле на повиците на руските граничари да го променат курсот.

Украина, пак, смета дека Русија нелегално ги запленила нејзините бродови, ја обвини Москва за воена агресија и прогласи воена состојба во одреди области. Двата украински морнарички капетана кои се во руски протвор, одбиле да сведочат бидејќи се сметаат за воени зарбоеници, открија нивните адвокати.

Советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон, исто така, рече дека САД имаат намера да се спротистават на брзото јакнење на економското и политичкото влијание на Кина и Русија во Африка, каде што двете земји според него ги користеле корумпираните деловни практики и не го почитувале владеењето на правото. Главниот приоритет на Вашингтон ќе биде развојот на економските односи со овој регион, за да се создадат можности за американски компании и да се „заштити независноста на африканските земји“, како и американските национални интереси, додаде.

„Големите ривалски сили, Кина и Русија, брзо го јакнат своето финансиско и политичко влијание во Африка… Намерно и агресивно го насочуваат своите вложувања во регионот за да стекнат конкурентската предност над САД“, додаде Болтон.

Говорот на Болтон во Фондацијата Херитиџ, тинк-танк близок на конзервативците, се одржува во моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот челник Кси Џинпинг настојуваат да ги решат трговските спорови кои ги потресуваа глобалните пазари и е создадена голем економска неизвесност.

„Кина користи мито, нејасни договори и стратешки манипулации со долгот, за државите во Африка да ги потчини на желбите и барањата на Пекинг. Нејзините вложувања се полни со корупција“, рече Болтон.

Остро ја критикуваше и Русија. „Русија ширум овој континент ги промовира своите политички и економски односи, без да се обѕира многу на владеењето на правото, ниту на одговорното и транспарентно владеење“, рече Болтон.

Ја обвини Русија и за „продажба на оружје и енергенси за гласовите во Обединетите нации, гласови кои ги држат диктаторите на власт, го поткопуваат мирот и безбедноста, и се спротивни на најдобрите интереси на африканскиот народ“.

Критичарите на стратегијата на САД се скептични затоа што таа се изготвуваше две години, а претседателот е познат по неговите нејасни и избрзани коментари за континентот, каде живеат 1,2 милијарди луѓе. Според новата стратегија „ Просперитетна Африка“, САД „ќе ги охрабрат африканските лидери да избираат квалитетни, транспарентни, инклузивни и одржливи странски инвестициски проекти, вклучувајќи ги и оние од САД“, рече Болтон.

Болтон предупреди дека САД „ќе ја преразгледаат својата поддршка за мировните мисии на ОН“, како и помошта за земјите чии власти се сметаат за предизвикувачи на загриженост, вклучително и за Јужен Судан.