Трамп идната недела во посета на Полска, Болтон патува во Минск

Американскиот претседател Доналд Трамп оди во посета на Полска идната недела каде може да се сретне со новоизбраниот претседател на Украина, Володомир Зеленски, додека неговиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, ќе се сретне со белорускиот претседател Александар Лукашенко во Минск.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Болтон моментално е во Украина каде во денешна изјава за изданието „Европска правда“ истакна дека Трамп и Зеленски ќе се сретнат „во рамките на настаните за одбележување на 80 годишнината од почетокот на Втората светска војна“.

Според него, официјална соопштение за тоа се уште нема, но средбата треба да се оддржи.

-Оптимист сум во однос на средбата во Варшава, изјави тој.

Во меѓувреме, од администрацијата на белорускиот претседател изјавија дека Болтон треба да се сретне со Лукашенко „не порано од 29 август“.

Во анализа на „Форејн полиси“ се вели дека посетата на Белорусија е најнов сигнал во затоплување на релациите со оваа земја, и доаѓа непосредно по самитот на Г-7 во Франција каде Трамп повика на подобрување на односите со Русија.

-Болтон разбира дека (рускиот претседател Владимир) Путин спроведува агресивна политика во која можеби се планирани чекори во однос на Белорусија. Познати се и стремежите на Москва да ја засили соработката со Минск, истакна за изданието Џон Хербст, поранешен амбасадор на САД во Украина.

САД во 2008 година воведоа санкции против белоруската нафтена компоанија „Белнефтехим“ поради одбивањето на Минск да ослободи опозициски активисти.

Болтон моментално е во Украина во обид да ја блокира продажбата на компанијата за производство на авиони и хеликоптери „Мотор Сич“ на Кина, и да спречи предавање воени технологии на Кинезите.