Трамп им порача на четирите конгресменки дека траба да ѝ се извинат на Америка

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно во неделата ги нападна четирите пратенички на опозициската Демократска партија во Конгресот, повикувајќи ги да се извинат, како што стори тој самиот.

„Не верувам дека четирите конгресменки се способни да ја сакаат нашата земја. Би требало да им се извинат на САД (и на Израел) за ужасните работи (полни со омраза) што ги искажаа“, напиша на Twitter американскиот претседател Доналд Трамп.

Минатиот викенд Трамп напиша дека четирите конгресменки, од кои три се родени во САД, треба да се „вратат во уништените и со криминалот опустошени места од кои дошле“, потоа во понеделникот им ја упати пораката „Доколку не ја сакате нашата земјата и не сте среќни тука, слободно заминете“, а во вторникот возврати на обвинувањата дека неговите објави „НЕ СЕ расистички“.

Станува збор за Александрија Оказио-Кортез од државата Њујорк, Илхан Омар од Минесота, Ајана Присли од Масачусетс и Рашида Тлаиб од Мичиген, група конгресменки на опозициската Демократска партија кои себеси се нарекуваат „прогресивни“ и се познати по критиките упатени кон Доналд Трамп, но и кон актуелното водство на нивната партија во Конгресот. Меѓу нив, единствено Омар, чиешто семејство ја напуштило Сомалија и се преселило во Минеаполис во 1997 година, е родена надвор од САД.

Мислењето на Претставничкиот дом во кој демократите го имаат мнозинството беше поинакво од она на претседателот на државата, па пратениците усвоија декларација во којашто „остро ги осудуваат расистичките коментари на претседателот Доналд Трамп кои ги озаконија и зголемија стравот и омразата кон новите Американци и припадниците на другите раси“.

Афроамериканскиот пратеник Елјаџа Јуџин Камингс, од Демократската партија, ја осуди новата објава на Трамп и тврди дека „нема сомневања“ оти Трамп е расист.

„Тоа се жени кои ја сакаат својата земја и напорно работат и сакаат да нѐ придвижат да одиме напред кон посовршена унија за која зборуваа нашите татковци основачи. Значи, кога не се согласувате со претседателот, одеднаш сте лоша личност. Ние сме лојални на Уставот на САД и на американскиот народ“, изјави Камингс, кој доаѓа од сојузната држава Мериленд.

Претседателот Трамп се извини во средата на собирот на неговите приврзаници кои викаа „Испрати ја од каде што дошла“ алудирајќи на Илхан Омар. А во саботата Оказио-Кортез го осуди Трамп дека свесно „долевал масло на огнот“, бидејќи „во својот говор паузирал, давајќи ѝ на масата на неговиот собир временски паузи“ за да можеле да ги скандираат споменатите повици.

Стивен Милер, советник на претседателот за миграции, на ваквите обвинувања одговори дека Трамп многу јасно рекол оти не се согласува со повиците „испрати ја од каде што дошла“.

„Во сржта е тоа дека сите луѓе кои присуствуваа на собирот, како и милиони родољубиви Американци ширум земјата, се уморни од тоа да ги тепаат, презираат, да ги гледаат од високо и да ги омаловажуваат членовите на Конгресот од левицата во Вашингтон и нивните сојузници во многу медиуми“, рече Милер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.