Трамп: Изборите ќе одлучат дали ќе го задржиме американскиот сон

„Гласачите никогаш порано не се соочиле со појасен избор меѓу партиите: Овие избори ќе одлучат дали ќе го задржиме американскиот сон или ќе дозволиме социјалистичката агенда да ја уништи нашата судбина.

Овие избори ќе одлучат дали да го одбранат американскиот начин на живот или да дозволат радикалните движења да го уништат целосно. Тоа нема да се случи! “, изјави синоќа Доналд Трамп пред 1.500 луѓе присутни на тревникот пред Белата куќа.

Во говорот пред учесниците во Националниот конгрес на републиканците, тој рече дека претстојните избори во ноември ќе бидат најважни во историјата на Соединетите држави.

„И покрај нашата величина како држава, сè што постигнавме сега е загрозено. Ова се најважните избори во историјата на нашата земја “, рече американскиот претседател кој на ноемвриските избори треба да се соочи со кандидатот на демократиоте, Џо Бајден.

Изборот меѓу него и Бајден тој го спореди со избор меѓу отворање нови работни места во САД или нивни извоз во странство, меѓу безбедност на граѓаните кои ги почитуваат законите или власт на „насилие на анархистите, агитатори и престапници“, пренесе МИА.

Трамп истакна дека за разлика од неговите претходници во Белата куќа, тој успеал САД да не учествуваат во странски војни.

Укажа дека ја зацврстил безбедноста на границите со изградба на ѕид кон Мексико, и дека се води сеопфатна војна со нелегалната имиграција. Неговиот адут е економијата, и Трамп укажа дека овде биле направени многу успеси како борбата со „големата фарма“ (фармацевтската индустрија), и указите со кои се намалени цените на лекарствата, но и реформи во криминалниот кодекс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.