Трамп: Ким е „лудак“ кој ќе биде ставен на страшна проба

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот повторно вербално го нападна севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун, велејќи дека овој е „лудак“ кој ќе биде ставен на предизвик како никогаш досега.

„Севернокорејскиот претседател Ким Џонг-ун, без никакво сомнение е лудак на кому не му е туѓо изгладнувањето и убивањето на припадниците на сопствениот народ и ќе биде ставен на искушение како никогаш досега“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп во својот утрински твит.

Новата ескалација во односите меѓу двајцата челници следи по говорот на Трамп во вторникот на Генералното собрание на Обединетите нации, во кој севернокорејскиот водач го нарече „човек ракета“ во самоубиствена мисија, заканувајќи се дека Северна Кореја „потполно ќе биде уништена“ доколку е потребно поради заканите за напади врз САД и нејзините сојузници во регионот. Во четвртокот Трамп наложи воведување нови дополнителни санкции за Северна Кореја.

Само неколку часа по објавувањето на информацијата за воведувањето на новите американски санкции на Пјонганг, Ким Џонг-ун го нарече Трамп „ментално пореметена личност“ којашто „скапо ќе ги плати заканите“ упатени за неговата земја.

Тензиите се обиде да ги смири американскиот државен секретар Рекс Тилерсон кој во петокот изјави дека ескалацијата на тензиите со Северна Кореја претставува проблем, но истовремено истакна дека и покрај острата реторика и заканите со воени напади дипломатските напори продолжуваат.

„Проблемот постои, меѓутоа нашите дипломатски напори продолжуваат со несмален ангажман“, изјави Тилерсон во интервјуто за американската телевизиска мрежа ABC News.

Официјална Москва во петокот, исто така, изрази „длабока загриженост“ поради ескалацијата по размената на закани меѓу двајцата светски челници.