Трамп минува низ лекарски прегледи

54

Американскиот претседател Доналд Трамп започна со лекарските прегледи, за да не губи време на тоа во изборната 2020 година, изјави во саботата за новинарите портпаролката на Белата куќа, Стефани Гришам.

Трамп го започнал редовниот годишен рутински медицински преглед во болницата „Волтер Рид“ во сојузната држава Мериленд.

„Во пресрет на 2020 година која ќе биде многу напорна, претседателот го искористи својот слободен викенд во Вашингтон за да започне дел од своето планирано годишно испитување во болницата Волтер Рид“, се додава во соопштението на Белата куќа од каде посочуваат дека американкиот челник пристигнал во споменатата медицинска установа во саботата попладнето.

Медицинските прегледи станаа вообичаена практика за американските челници од времето на 37-от претседател Ричар Никсон (1969 – 1974). Во текот на овие прегледи се проверуваат видот, слухот, состојбата на назофаринксот, тироидната жлезда, белите дробови, срцето, кожата, хранопроводот, мускулите, коските, како и мозочните активности.

Трамп последен пат беше подложен на лекарски преглед во февруари годинава. Тогаш здравствениот статус на актуелниот американски претседател беше оценет како „генерално добар“.

Неговата тежина тогаш изнесуваше 110,22 килограми, во однос на 108,4 килограми една година претходно, висок е 192 сантиметри, притисокот изнесуваше 118 со 80, а пулсот 70 удари во минута.

Рони Џексон, кој беше лекар на Белата куќа во 2018 година на прес-конференција рече дека републиканскиот претседатеч има „неверојатно добри гени“.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.