Трамп му нудел помилување на Асанж во замена за соработка

271

Американскиот претседател Доналд Трамп му понудил помилување на австралискиот новинар и основач на разобличувачкиот ресурс WikiLeaks, Џулијан Асанж, доколку каже дека Русија немала поврзаност со објавувањето на инкриминирачката електронска пошта на Демократската партија во 2016 година, беше искажано во средата на судот во Лондон.

Асанж преку видеолинк од притворот се вклучи во судницата во која адвокатите расправаа за неговото сослушување следната седмица на коешто ќе се решава за израчување на САД, каде може да биде обвинет за предавство и шпионажа.

Едвард Фитцџералд, адвокатот на Асанж, алудираше на сведочењето на поранешниот републикански конгресмен Дана Рорабахер (Дејна Рорабејкер, според некои верзии – Dana Tyron Rohrabacher) кој во 2017 година го посетил Австралиецот, тврдејќи дека ги испратил Трамп кој му нуди помилување.

Услов за помилувањето бил основачот на WikiLeaks да објави дека Русија не учествувала во протекување на електронската пошта на раководството на Демократската партија која откри дека се правела стратегија како да се фаворизира Хилари Клинтон во трката за претседателската номинација против сенаторот Берни Сандерс за претседателските избори во 2016-та, се наведува во исказот на Рорабахер.

Портпаролката на Белата куќа, Стефани Гришам, ги отфрли ваквите тврдења.

„Претстедателот одвај слушнал за Дана Рорабахер, освен дека е поранешен конгресмен. Никогаш не разговарал со него за тоа или ниедна друга тема. Ова е целосна фабрикација и тотална лага“, изјави.

Четириесет и осумгодишниот Асанж мина седум години во еквадорската амбасада во Лондон, а во април лани му беше откажано госторпимството во дипломатската мисија која ужива територијален суверенитет. САД го бараат поради обвинение по 18 точчки, вклучително хакирање владини кимпјутери и кршење закони за шпионажа. Доколку биде осуден, во затвор може да мине децении.

Речиси десет години откако неговата интернет страница WikiLeaks го разгневи Вашингтон со објавување на стотиците илјади документи за војните во Ирак и во Авганистан, како и за дипломатската преписка во која се навредуваат светските челници меѓу кои и сојузниците на САД, судот во Лондон во понеделник ќе ги започне сослушувањата, во присуство на Асанж, за да донесе одлука за негово евентуално израчување на САД.

Асанж во средата зборуваше само за да го потврди своето име и датумот на раѓање. Британските медиуми пренесуваат дека изгледал опуштено и во поголемиот дел од сослушувањето фаќал забелешки.

Австралиецот стана светски славен кога WikiLeaks објави доверлива воена снимка од напад на американски борбен хеликоптер „Apache“ во Багдад во 2007 година, кога се убиени десетици цивили, меѓу нив и двајца вработени во новинската агенција Reuters. Подоцна следеа и други прикривани воени и дипломатски документи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.