Трамп му порача на OPEC веднаш да ја намали цената на нафтата

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја обвини Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) за подигнување на цените на нафтата и побара од нејзините членки да сторат повеќе за нивни намалување.

„Монополот на OPEC мора да запамети дека цените на нафтата се високи, а тие не прават речиси ништо да помогнат. И ако прават нешто, тие ги подигнуваат цените додека САД ги бранат многу од членките на OPEC за многу малку пари. Тоа мора да биде двонасочна улица. Веднаш намалете ги цените!“, напиша на Twitter американскиот претседател Доналд Трамп.

Американскиот претседател изминатите неколку седмици во неколку наврати го нападна OPEC. Зголемувањата на цените бензините би можеле да му создадат на Трамп политички проблеми во пресрет на среднрочните избори за Конгресот коишто ќе се одржат во ноември годинава.

Трамп во саботата изјави дека Саудиска Арабија, на негово барање, се согласила да го зголеми производството на нафта „можеби за два милиона барели дневно, за да ја надомести разликата“ поради „напнатостите и дисфункционалностите во Иран и Венецуела“ и да го спречи порастот на цените на пазарот.

Приговорите упатени на OPEC од страна на Трамп доаѓаат истовремено со зајакнатиот американски притисок врз европските сојузници да престанат да купуваат иранската нафта, додека Техеран како одговор на тоа се заканува дека ќе го блокира Ормушкиот теснец преку кој се одвива најголемиот транспорт на нафтата.