Трамп објави дека САД и Мексико постигнале „многу добар“ трговски договор

Американскиот претседател Доналд Трамп објави во понеделникот дека по долгите преговори за измена на Северноамериканска спогодба за слободната трговија (North American Free Trade Agreement – NAFTA), САД и Мексико склучиле „многу добар“ трговски договор, а дека преговорите со Канада би требало да почнат наскоро.

Споменатиот билатерален договор ќе ја замени спогодбата а слободна трговија којашто пред 24 години го потпиша тогашната администрација на претседателот Бил Клинтон. Трите земји преговараат веќе цела година за да го спасат договорот за слободна трговија, кој американскиот претседател Доналд Трамп го смета за катастрофален за неговата земја.

Трговијата меѓу САД, Мексико и Канада остварува годишно вредност од билион американски долари, а голем дел од тоа се остварува во рамките на договорот NAFTA.

САД и Мекско во текот на изминатиот викенд одржаа маратонска средба во рамките на преговорите за измена на договорот, меѓутоа, Канада, којашто е потписничка на спогодбата од 1994 година, не учествуваше во оваа фаза од преговорите.

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп, исто така, размислува и за промена на името NAFTA, бидејќи, како што тврди, тоа има „негативни конотации“ за САД. „Би сакал да се вика Трговски договор на САД и Мексико“, наведе Трамп.

Мексиканскиот претседател на заминување Енрике Пења Нието го повика канадскиот премир Џастин Трудо уште оваа седмица да ја склучи со неговата земја и со САД трилатералната спогодба.

„Штотуку разговарав со канадскиот премир Трудо за ситуацијата со преговорите за NAFTA и напредокот постигнат меѓу Мексико и САД. Му кажав колку би било важно неговото вклучување во овој процес, за оваа седмица да го склучиме трилатералниот договор“, напиша Нието на Twitter.

Трамп, инаку, не го исклучува сценариото според коешто би се склучил засебен договор со Канада. Портпаролот на канадското министерство за надворешни работи, пак, рече дека Отава ќе потпише договор кој е добар за Канада и за средата класа, како и дека ќе „продолжи да работи на модернизирњето на NAFTA“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.