Трамп објави карикатура на која воз го гази известувачот на CNN

Американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter постави карикатура на којашто воз го удира известувачот на телевизијата CNN, а американските медиуми кои го критикуваат забележуваат дека тоа се случува три дена откако бел националист со автомобил прегази жена којашто демонстрираше против собирот на екстремната десница.

Карикатурата којашто американскиот претседател Доналд Трамп подоцна ја повлече, го прикажува новинарот на CNN кого го прегазува „возот на Трамп“, симболот на неговите приврзаници.

Трамп во моментов престојува во неговиот роден Њујорк, каде што два дена се организираат протести против неговото доаѓање од страна на невладините организации блиски на Демократската партија, левичарски здруженија и наводно во знак на поддршка на жртвите на расизмот на белците.

Функционер на Белата куќа изјавил за телевизиската мрежа NBC News дека карикатурата, проследената со текстот „Лажните вести не можат да ја запрат Трамповата композиција“, е „објавена ненамерно“ и дека е „отстранета веднаш штом е забележана“.

Трамп, без јасни причини, се најде на удар на критиките од левицата, но и од неговите противници во десницата, по саботниот десничарски собир во Шарлотсвил, во сојузната држава Вирџинија, на кој дојде до судир меѓу приврзаниците на десницата и контрадемонстрантите во кој загина споменатата жена.

Трамп многу брзо по инцидентот ги осуди белите расисти, но исто така ги осуди и „сите страни“ поради „омразата, нетрпеливоста и насилствата“ кои избувнаа во споменатиот универзитетски град, а причината за тоа беше протестот против отстранувањето на споменикот на генералот на Конфедерацијата Роберт Ли од Американската граѓанска војна по која е укинато ропството.

Во понеделникот Трамп се обиде да ги дообјасни своите ставови, директно осудувајќи го старото американско расистичко здружение Ку Клукс Клан и неонацистите.
Но и тогаш американскиот претседател се почувствува провоциран од известувачот на CNN, медиум кој отворено се стави против неговата кандидатура на ланските претседателски избори и кој постојано го критикува. Кога новинарот Џин Акоста го запраша зошто му требало „толку долго време“ да ги осуди насилните групации, Трамп му одговори „Сакам вистински вести, а не лажни“.

Покажувајќи со прст на овој дописник од Белата куќа, претседателот додаде „Ти си лажна вест“.

Медиумите коишто според неговото мислење ги шират ткн „фејк њуз“, Трамп често ги напаѓа на социјалната мрежа Twitter на којашто го следат речиси 36 милиони луѓе.