Трамп обвинет дека барал помош од Австралија за дискредитирање на истрагата за „руското мешање“

Американскиот претседател Доналд Трамп побарал од Австралија да „помогне“ во дискредитирање на истрагата за неговите наводно врски со Русија во текот на претседателската кампања во 2016 година, а австрискиот премиер Скот Морисон признал во вторникот дека се согласил да помогне.

Портпаролот на австралиската влада потврдил дека американскиот претседател Доналд Трамп барал од австралискиот премиер Скот Морисон да истражи делови од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мјулер (Малер), која заклучи дека има „траги“ но нема докази дека Русија работела во полза на претседателската кампања на Трамп.

Портпаролот рекол дека „Австралија секогаш е подготвена да помогне и да соработува за дополнително да се расветлат прашањата од истрагата“. „Премиерот во разговорот со претседателот уште еднаш ја потврдил својата подготвеност“, рекол портпаролот.

Ова откритие дополнително ќе ги засили тврдењата дека Трамп ја користи Овалната канцеларија и ги ризикува долгорочните односи за свои политички цели, оценува AFP.

Демократите веќе покренаа истрага за отповикување на претседателот Трамп, бидејќи наводно од украинскиот претседател Владимир Зеленски барал да го истражи сменувањето на поранешниот украински државен обвинител и прекинувањето на истрагата за корупција за енергетска компанија во чиешто водство бил синот на тогашниот американски потпретседател Џо Бајден, најверојатниот демократски противник на Трамп на претседателските избори во 2020 година.

Истрагата на Мјулер заврши во март и доведе само до осуда на неколку помошници на Трамп поради опструкција и лажење во истрагата, во случаи кои не се директно поврзани со истрагата за „руското мешање“.

Трамп во пресрет на изборната 2020 година оваа истрага и нејзините заклучоци ги нарекува заговор на „длабоката држава“, повикувајќи се на написите на медиумите како докази и инсистирајќи министерството за правда да спроведе против-истрага.

Весникот The New York Times, кој прв објави за барањето на Трамп од Австралија, тврди дека Белата куќа го ограничила пристапот до тренскриптите од телефонските разговори меѓу Трамп и Морисон, на сличен начин како и со украинскиот претседател, кои сепак беа објавени.

Сега се бара да се истражат и неколку други средби и телефонски разговори на Доналд Трамп со странски функционери, вклучително и оној со рускиот претседател Владимир Путин.

Весникот The Washington Post, пак, пренесува дека државниот обвинител Вилијем Бар имал неколку контакти со функционери и разузнавачи во Австралија, Велика Британија и Италија, со цел да се истражи специјалниот обвинител Мјулер и заклучоците од американската разузнавачка заедница којашто, пак, не даде докази и јасни заклучоци за наводното руско мешање во американските претседателски избори во 2016 година.

Министерството за правосудство на САД, коешто го води Бар, наводно по поттикнување од Трамп, ги истражува основите на истрагата на Мјулер, вклучително и наводните докази кои довел до тоа тогашните челници на CIA, FBI и други разузнавачки агенции да објават дека Русија навистина се мешала во изборите, пишува весникот.

Австралија и Велика Британија се важни за овој случај, бидејќи првичната истрага на FBI за „руското мешање“ во јули 2016 година во времето на демократскиот претседател Барак Обама беше покрената откако добила дојава од австралиски дипломат во Лондон за наводна средба меѓу руски разузнавачи и членови на кампањата на Трамп.

Својата помош во мај годинава во писмо до Бар и шефот на персоналот на Белата куќа, Мик Малвени, понудил и австралискиот амбасадор во Вашингтон. Премиерот Морисон неодамна престојуваше во официјална државна посета на САД, а неговите блиски односи со Трамп веќе долго се тема на анализи во неолибералните медиуми во Австралија.

Како што смета Ема шортс од универзитетот Royal Melbourne Institute of Technology, за владата на Морисон е ризично „толку да се зближува со Трамп, кога тоа не го сторила ниедна друга држава“. „Мислам дека развојот на настаните тоа го покажува: Трамп ќе ви бара услуги, ќе ве вовлече во контроверзии и ќе ги доведе односите во ризични ситуации“, заклучува Шортс.